YouVersion Logo
Search Icon

Јован 19

19
Исус пред Пилата. Биењето. Трновиот венец. Последните зборови и смртта. Погребението.
1Тогаш Пилат Го фати Исуса и Го бичува.
2И војниците, кога сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница,
3и велеа: »Радуј се, Царе Јудејски!« – и Го удираа по образите.
4Пилат пак излезе надвор, со трнов венец и багреница. И им рече: »Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.«
5Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец и багреница. И им рече Пилат: »Еве Го Човекот!«
6А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: »Распни Го, распни!« Пилат им рече: »Земете го вие и распнете Го, оти јас не наоѓам во Него вина.«
7Јудејците му одговорија: »Ние имаме Закон и според нашиот Закон Он треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.«
8Кога го чу Пилат овој збор, повеќе се уплаши.
9И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: »Од каде си Ти?« Но Исус не му даде одговор.
10Пилат му рече: »Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам.«
11Исус одговори: »Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, што Ме предаде на тебе.«
12Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: »Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на ќесарот. Секој што се прави цар, противник му е на ќесарот.«
13Штом го чу тој збор, Пилат Го изведе Исуса надвор и седна на судискиот стол, на местото, што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата.
14Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: »Еве Го вашиот Цар!«
15Но тие викаа: »Земи, земи, распни Го!« Пилат им рече: »Царот ваш ли да Го распнам?« Првосвештениците одговорија: »Ние немаме цар, освен ќесарот.«
16И тогаш им Го предаде, за да биде распнат. И Го зедоа Исуса, и Го поведоа.
17И носејќи го Својот крст, Он излезе на местото, што се вика Лобно, а по еврејски Голгота;
18таму Го распнаа, а со Него други двајца, од едната и од другата страна, а на среде Исуса.
19Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: »Исус Назареецот, Цар Јудејски.«
20Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.
21Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилата: »Не пишувај: Цар Јудејски, но дека Он Сам рече: ‚Цар Јудејски сум.‘«
22Пилат одговори: »Што напишав, напишав.«
23А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу.
24Тогаш си рекоа: »Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждреб, чиј ќе биде« – за да се збидне кажаното во Писмото: »Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждреб.« Така и направија војниците.
25При крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина.
26А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: »Жено, ете ти син!«
27Потоа му рече на ученикот: »Ете ти мајка!« И од тој час ученикот ја зеде при себе.
28По ова, знаејќи Исус дека е сѐ свршено, за да се исполни Писмото, рече: »Жеден сум.«
29Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова.
30А кога вкуси Исус оцет, рече: »Се сврши!« И кога ја наведна главата, го предаде духот.
31Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, оти во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилата да им ги прекршат колената и да ги симнат.
32Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.
33А кога дојдоа до Исуса и Го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената;
34но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.
35И кој виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека кажува вистина, за да поверувате вие.
36Оти ова стана, за да се исполни Писмото: »Коска Негова нема да се прекрши.«
37И друго Писмо пак вели: »Ќе погледнат на Оној, Кого Го прободоа.«
38Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилата да го симне телото Исусово и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово.
39А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе при Исуса, и донесе околу сто литри смес од смирна и алој.
40Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат.
41На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.
42Таму Го положија Исуса, поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу.

Currently Selected:

Јован 19: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in