YouVersion Logo
Search Icon

Јован 17

17
Молитвата на Исуса како првосвештеник за Себеси, за Своите ученици и за Својата заедница.
1Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: »Оче, дојде часот: прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој,
2како што си Му дал власт над секое тело, та преку сѐ што си Му дал, да им даде живот вечен.
3А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа.
4Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам.
5И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане.
6Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово.
7Сега разбраа дека сѐ, што си Ми дал, е од Тебе;
8зашто зборовите, што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина, оти од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил.
9Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои.
10И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив.
11Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние.
12Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото.
13А сега идам при Тебе, и ова му го кажувам на светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна.
14Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од него.
15Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото.
16Тие не се од светот, како и Јас што не сум од него.
17Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина.
18Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот.
19И за нив Јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината.
20Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене,
21за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил.
22И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние.
23Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сѐ едно, и да узнае светот дека Ти си Ме пратил, и нив си ги возљубил, како Мене што Ме возљуби.
24Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот.
25Оче Праведни, светот не Те позна, Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме пратил;
26и им го објавив името Твое, и ќе го известувам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив.«

Currently Selected:

Јован 17: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in