Јован 16
16
Продолжение и крај. За враќањето при Отецот.
1»Ова ви го кажав, за да не се соблазните.
2Ќе ве истеруваат од синагогите. Но ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба.
3И тоа ќе го прават, оти не Го познаа Отецот, ниту Мене.
4Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.
5А сега одам кај Оној, Кој што Ме прати, и никој од вас не Ме праша: ‚Каде одиш?‘
6Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага.
7Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.
8А Он, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд:
9за грев – дека не веруваат во Мене;
10за правда – оти Јас си одам при Својот Отец, и веќе нема да Ме видите;
11а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден.
12Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите.
13А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; но од Себе нема да зборува, а ќе говори што чуе, и ќе ви ја каже иднината;
14Он Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави.
15Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.
16Уште малку, и нема да Ме гледате, и, по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам при Отецот.«
17А некои од учениците Негови си рекоа помеѓу себе: »Што е тоа, што ни вели: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и дека ‚Јас си одам при Отецот‘?«
18И си зборуваа: »Што е тоа, што вели: ‚Уште малку‘?«
19Разбра Исус дека сакаат да Го прашаат, и им рече: »Затоа ли се прашувате помеѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘?
20Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост.
21Жена, кога раѓа, има болки, оти ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот.
22Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе;
23и во тој ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде.
24Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна.
25Ова во параболи ви го кажував; но ќе дојде час, кога нема веќе во параболи да зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот.
26Во тој ден ќе побарате во Мое Име, и не ви велам, дека Отецот ќе Го помолам за вас;
27оти Отецот Сам ве милува, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога.
28Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот.«
29Му рекоа учениците Негови: »Еве, сега откриено зборуваш и никаква парабола не кажуваш.
30Сега знаеме дека знаеш сѐ, и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.«
31Им одговори Исус: »Сега ли верувате?
32Ете, иде часот, и настапува веќе, за да се разбегате секој при своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене.
33Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.«
Currently Selected:
Јован 16: MK1990
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016