YouVersion Logo
Search Icon

Битие 50

50
Погребението на Јакова во Хеврон. Јосифовата благодарност. Неговата смрт.
1Тогаш Јосиф падна врз лицето од таткото свој, плака над него, и го целива.
2И им заповеда Јосиф на гробарите, кои беа во негова служба, да го погребат таткото негов; и гробарите го погребаа Израилот.
3И изминаа четириесет дена, зашто така се бројат деновите погребни, и го оплакуваше седумдесет дена.
4Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците Фараонови, велејќи: »Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со Фараонот и речете му:
5‚Таткото мој ме заколна пред да умре и ми рече: – Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.« И му рекоа на Фараонот според зборовите Јосифови.
6А Фараонот му рече на Јосифа: »Оди и погреби го таткото твој, штом те заколнал.«
7Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги Фараонови, старешини од земјата египетска,
8и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов и роднините негови. Овците и говедата ги оставија во земјата Гесем.
9Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, толку многу, што претставуваа голема погребна придружба.
10А кога дојдоа во Горни Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена.
11А луѓето од онаа земја хананска кога видоа плачење во Горни Хатад, рекоа: »Голема жалост имаат Египтјаните.« Затоа тоа место го нарекоа »Абел Мисраим«, односно, плач египетски: што е отаде Јордан.
12И му направија синовите негови онака, како што им беше заповедал;
13го однесоа синовите негови во земјата Хананска, и го погребаа во пештерата на нивата Макпела, што беше ја купил Авраам од Хетеецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница.
14А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на погребението на неговиот татко.
15Кога видоа браќата Јосифови дека нивниот татко умре, си рекоа; »Да не би да си спомни Јосиф за нашата омраза, па да ни одмазди за сето зло, што му го направивме!«
16Затоа дојдоа и му рекоа на Јосифа: »Татко ти остави клетва пред да умре и рече –
17‚Вака кажете му на Јосифа: Прости им ја на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти го направија.‘ И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот Бог.« А Јосиф заплака, кога му го рекоа тоа.
18Потоа дојдоа пред него и рекоа: »Еве, ние сме слуги твои.«
19Јосиф им рече: »Не плашете се, бидејќи јас сум по Бога.
20Вие помисливте лошо за мене, но Бог тоа го обрна во добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се прехранат многу луѓе.«
21И им рече: »Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите домови.« Така ги утеши, зборувајќи угодно.
22И продолжи да живее Јосиф во Египет, самиот тој и браќата негови и целиот дом на таткото негов: поживе сто и десет години.
23И ги виде Јосиф синовите Ефремови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, што се родија на колената Јосифови.
24Тогаш им рече на браќата свои, велејќи: »Јас ќе умрам; но Бог вас секако ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал Бог на нашите татковци – на Авраама, на Исака и на Јакова.«
25Па ги заколна Јосиф синовите Израилеви и им рече: »Кога Бог ќе ве посети вас, вие тогаш понесете ги коските мои одовде со вас!«
26Потоа умре Јосиф кога имаше сто и десет години. И, го погребаа, го положија во ковчег во Египет.

Currently Selected:

Битие 50: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in