YouVersion Logo
Search Icon

Битие 43

43
Патот на синовите од Јакова во Египет со Венијамина.
1Но гладот се зголемуваше во таа земја.
2А кога го изедоа житото, што го беа донеле од Египет, таткото нивни им рече: »Одете пак и купете ни малку храна.«
3Јуда му проговори и рече: »Оној човек јасно ни рече ‚Да не се јавувате пред лицето мое, ако вашиот помал брат не дојде со вас.‘
4Ако ги пуштиш со нас братот наш, ќе одиме и ќе ти купиме храна.
5Ако, пак, не го пуштиш, тогаш нема да одиме, оти оној човек ни рече – ‚Нема да го видите лицето мое, ако вашиот брат не биде со вас‘.«
6Но Израил рече: »Зошто ми направивте такво зло и му рековте на човекот дека имате уште еден брат?«
7А тие одговорија: »Човекот подробно се распрашуваше за нас и за родот наш, велејќи: ‚Дали е уште жив таткото ваш? Имате ли уште браќа?‘ И ние му одговоривме како што нѐ прашуваше. Можевме ли да знаеме дека ќе рече: ‚Доведете го братот ваш!‘«
8А Јуда му рече на Израила, таткото свој: »Пушти го малиот со мене, па ќе се кренеме и ќе отидеме за да останеме живи, и да не изумреме ни ние, ниту ти, ни нашите деца.
9Јас ќе одговарам за него, од моја рака ќе го бараш. Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, ќе бидам виновен пред тебе до крајот на мојот живот.
10Да не се двоумеше толку, веќе досега можеби двапати ќе се вратевме.«
11Тогаш Израил, таткото нивни, рече: »Ако е така, еве што ќе направите – земете плодови од оваа земја, и ставете ги во вашите вреќи, па однесете му ги како подарок на оној човек; малку балсам, малку мед, темјан, зачини, мирилива смола, па и ореви и бадеми.
12А пари, со себе земете двојно повеќе, оти ќе треба да ги вратите парите, што ги најдовте под грлата на вашите враќи; можеби е грешка.
13Земете го и братот ваш, па станете и одете пак кај оној човек.
14А семоќниот Бог да ви даде да најдете милост кај оној човек, па да ви го пушти и другиот ваш брат, и Венијамина. А јас, пак, ако треба веќе да останам без деца, па нека останам.«
15Тогаш тие ги зедоа подароците и пари двојно повеќе, го зедоа и Венијамина, па станаа и отидоа во Египет и излегоа пред Јосифа.
16А Јосиф кога го виде со нив и Венијамина, својот едноутробен брат, му рече на човекот што управуваше со куќата негова: »Одведи ги овие луѓе дома, па заколи нешто од добитокот и зготви го, оти тие на пладне со мене ќе ручаат.«
17И направи човекот така како што му рече Јосиф, и ги одведе луѓето во домот Јосифов.
18А тие луѓе се уплашија, кога човекот ги водеше во домот Јосифов, и рекоа: »Заради парите, што се најдоа порано во вреќите наши, нѐ водат, додека не смислат нешто, па да нѐ обвинат, за да нѐ заробат нас и ослите наши.«
19И му пристапија на човекот, што управуваше со домот Јосифов, и му проговорија пред вратата на куќата
20и рекоа: »Чуј нѐ, господару! Ние и порано бевме овде, за да купиме храна.
21Но кога бевме на ноќевање, ги отворивме вреќите, а тоа – парите на секого од нас беа одозгора во вреќите наши; и еве во иста количина ги враќаме со свои раце,
22а и други пари донесовме, да купиме храна; ние не знаеме кој ни ги стави парите наши во вреќите.«
23А тој одговори: »Бидете спокојни, не плашете се, вашиот Бог и Бог на таткото ваш го ставил среброто во вреќите ваши; парите ваши стигнаа при мене.« И им го изведе Симеона.
24И ги воведе човекот во домот Јосифов и им донесе вода, за да ги измијат нозете; а им даде и храна за ослите нивни.
25И ги приготвија подароците, чекајќи дури да дојде Јосиф на пладне, оти чуја дека тука ќе ручаат.
26А кога дојде Јосиф дома, му ги изнесоа подароците, што ги имаа при себе, и му се поклонија доземи.
27Потоа тој ги праша за здравјето и рече: »Добар ли е вашиот татко, за кого ми зборувавте? Жив ли е уште?«
28А тие одговорија: »Жив е слугата твој, нашиот татко, и здрав е.« Па се наведнаа и му се поклонија.
29Кога ги подигна Јосиф очите свои, го виде братот свој, Венијамина, едноутробниот брат свој, и рече: »Овој ли е најмалиот брат ваш, за кого ми рековте дека ќе ми го доведете?« И додаде: »Бог нека те милува синко!«
30Тогаш Јосиф побрза надвор, оти срцето му се беше возбудило поради братот негов. Му дојде да заплаче, па влезе во една соба и таму плачеше.
31Потоа се изми и излезе, и воздржувајќи се рече: »Принесете јадење!«
32И му донесоа, нему посебно, ним одделно, и на Египтјаните посебно, што ручаа кај него, зашто Египтјаните не можат да јадат со Евреите, оти тоа би им било неугодно на Египтјаните.
33И седнаа тие пред него, постарите според возраста нивна, а помладите според младоста нивна, па се погледаа, чудејќи се.
34И нареди тој по дел од јадењата што беа пред него, да ги носат пред нив, а делот на Венијамина беше петпати поголем од делот на секого од нив. И пиеја и се нагостија со него.

Currently Selected:

Битие 43: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in