YouVersion Logo
Search Icon

Битие 44

44
Јосифовите браќа ги заплашуваат.
1Потоа му заповеда Јосиф на домоуправителот свој, велејќи: »Наполнете им ги на овие луѓе вреќите со жито, колку што можат да носат, и на секого во отворот на вреќата ставете им ги парите нивни;
2а чашата моја сребрена ставете му ја на најмалиот во вреќата, и парите негови за купеното жито!« И тој направи така, како што му рече Јосиф.
3А утредента, на осамнување, ги испратија луѓето со ослите нивни.
4Уште не беа изминале многу пат од градот, му рече Јосиф на човекот, кој управуваше со домот негов: »Стани, оди брзо по оние луѓе, а, кога ќе ги стигнеш, кажи им: ‚Зошто враќате зло за добро‘.
5Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? И нема ли секако по неа да познае какви сте. Лоша направивте со тоа.«
6И тој ги стигна, и им ги рече овие зборови.
7А тие му одговорија: »Зошто зборуваш, господару, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не можат да направат.
8Дури и парите, што ги најдовме при отворот на вреќите, ги донесовме од земјата Хананска, па како можевме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато?
9А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш.«
10А тој, пак, рече: »Нека биде така, како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни.«
11И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа.
12А тој почна да бара, почнувајќи од најстариот, и кога дојде до најмалиот, и се најде чашата во вреќата Венијаминова.
13Тогаш ја раскинаа облеката своја, па го натоварија секој товарот на својот осел, и се вратија во градот.
14И влезе Јуда со браќата свои во домот на Јосифа, кој беше сѐ уште дома, и паднаа пред него на коленици.
15А Јосиф им рече: »Што направивте? Зар не знаевте дека човек, каков што сум јас, погодува и секако ќе може да разбере?«
16Тогаш рече Јуда: »Што да одговориме, господару наш? Што да кажеме или со што да се оправдаме? Бог ја откри неправдата на твоите слуги. Еве, ние сме сите робови твои, господару, и ние и овој, во кого се најде чашата!«
17Но Јосиф одговори: »Не, јас не го сакам тоа; кај кого се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие одете си со здравје кај таткото ваш.«
18Но Јуда пристапи до него и рече: »Господару, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си по Фараонот.
19Господарот мој ги праша слугите свои влејќи: ‚Имате ли татко или брат?‘
20А ние му рековме на господарот наш: ‚Имаме стар татко и најмал брат, кој му се роди во староста; а неговиот брат умре, и тој остана сам од мајката своја, и таткото многу го сака!‘
21А ти им рече на слугите твои: ‚Доведете го кај мене да го видат моите очи.‘
22И ние му рековме на господарот: ‚Не ќе може детето да го остави таткото свој; ако го остави татка си свој, тој веднаш ќе умре.‘
23А ти им рече на слугите твои: ‚Ако не дојде со вас братот ваш најмал, нема повеќе да го видите лицето мое.‘
24Па, кога се вративме кај слугата твој, а таткото наш, му ги кажавме зборовите на господарот наш.
25Потоа ни рече таткото наш: ‚Одете пак, купете ни малку храна.‘
26А ние рековме: ‚Не можеме да одиме; но, ако дојде со нас братот наш најмал, тогаш ќе одиме, зашто не можеме да го видиме лицето на оној човек, ако со нас не биде нашиот најмал брат.‘
27А и слугата твој, таткото наш, ни рече: ‚Знаете дека жената моја ми роди два сина.
28А еден од нив отиде од мене, и рековте – »Сигурно е растргнат«, и јас досега не го видов.
29Ако и овој го земете од мене, па го снајде некоја невола по патот, ќе ме турнете вака стар со тага в гроб.‘
30И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, а ова дете да не биде со нас, бидејќи душата негова е сврзана за душата на овој,
31и кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, а таткото наш, со тага в гроб.
32А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‚Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, нека бидам виновен пред таткото свој довека.‘
33Затоа јас, слугата твој, нека останам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои.
34Оти, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Не би можел да ја гледам тагата, што ќе го снајде мојот татко.«

Currently Selected:

Битие 44: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in