YouVersion Logo
Search Icon

Битие 34

34
Дина и Сехем. Колеж во Сихем.
1Дина, ќерката на Лија, која му ја роди на Јакова, излезе за да ги види девојките во тој крај.
2Но ја виде Сихем, синот на Емореецот, кнез на таа земја, ја зеде и спа со неа, и ја осрамоти.
3И му се припи срцето негово за Дина, ќерката на Јакова, и тој ја засака девојката, и гледаше да ја придобие.
4И му рече Сихем на Емора, таткото свој, велејќи: »Ожени ме со онаа девојка!«
5А Јаков чу дека синот Еморов ја осрамотил Дина, ќерката негова; но, бидејќи синовите негови беа в поле со добитокот негов, Јаков замолча додека не дојдат тие.
6Тогаш Емор, таткото Сихемов, отиде кај Јакова да поразговара со него.
7А кога дојдоа синовите на Јакова од полето и слушнаа што станало, силно се нажалостија и огорчија многу, зашто тој му нанел срам на Израилот, преспивајќи со ќерката на Јакова, што не требаше да го направи.
8А Емор им рече, велејќи: »Синот мој Сихем од срце ја засака вашата ќерка. Дајте му ја за жена!
9И посватете се со нас; ќерките ваши мажете ги за нас и со ќерките наши женете се.
10Па живејте со нас, и земјата е пред вас; населувајте ја, движете се слободно и создавајте свои имоти.«
11А Сихем му рече на таткото на девојката и на браќата нејзини: »Само да најдам милост пред очите ваши, и ќе ви дадам сѐ што ќе ми кажете.
12Побарајте најголем откуп и дарови: јас ќе ви дадам сѐ, што и да ми кажете; само дајте ми ја момата за жена.«
13А синовите на Јакова му одговорија на Сихема, и на таткото негов, неискрено. А така одговорија, бидејќи беше ја осрамотил Дина, сестрата нивна.
14И им рекоа: »Не можеме тоа да го направиме, да ја дадеме сестрата наша за човек необразан, зашто тоа е срамно за нас.
15Но ќе се согласиме со вас и ќе се населиме кај вас, само ако сакате да се изедначите со нас и да ги обрежете сите ваши машки.
16Тогаш ќе ги мажиме нашите ќерки за вас и ќе се жениме со вашите ќерки, ќе се населиме кај вас и ќе станеме еден народ.
17А ако не нѐ послушате да се обрежете, ние ќе ја земеме нашата ќерка и ќе си отидеме.«
18И по волја им беа зборовите нивни на Емора и на Сихема, неговиот син.
19И момчето, не двоумејќи се, го направи тоа веднаш, бидејќи многу ја засака ќерката на Јакова. А тој беше најпочитуван меѓу своите во домот на неговиот татко.
20И застана Емор и син му Сихем пред портите од нивниот град, и им рекоа на жителите од својот град, велејќи:
21»Овие луѓе се мирни, сакаат да се населат во оваа земја и слободно да се движат по неа; а еве – земја има и за нив. Па нека ги земаме нивните ќерки за жени, а и нашите да им го даваме ним.
22Но се согласуваат со нас така да живеат и да станеме еден народ, само ако сите машки меѓу нас се обрежат, како што се тие обрезани.
23Нивните стада и нивниот имот и сиот нивни добиток нема ли да бидат и наши? Само да се согласиме со нив, и тие ќе останат со нас.«
24И сите што излегуваа од портите на градот нивни го послушаа Емора и Сихема, синот негов; и се обрезаа сите машки.
25А на третиот ден, додека тие уште беа во болки, двајцата синови Јаковови, Симеон и Левиј, браќата на Дина, го зедоа секој својот меч и слободно влегоа во градот и ги изубија сите машки.
26Го погубија и Емора, и синот негов Сихем, со остар меч, и, откако ја зедоа Дина од домот на Сихема, си отидоа.
27Тогаш дојдоа синовите на Јакова кај убиените, и го ограбија градот, зашто во него беше осрамотена сестрата нивна.
28И ги зедоа овците нивни, и добитокот нивни, и ослите нивни, сѐ што беше во градот и сѐ што имаше во полето.
29И сето богатство нивно, и децата и жените нивни ги пленија, и ограбија сѐ, што имаше во градот и во куќите.
30Тогаш Јаков им рече на Симеона и на Левиј: »Ме смутивте и ме омразивте кај народот од оваа земја, кај Хананејците и Ферезејците. Јас имам малку луѓе; тие ќе се соберат против мене, ќе ме убијат, та ќе бидам истребен јас и домот мој.«
31А тие рекоа: »Зар со сестрата наша да постапуваат како со блудница?«

Currently Selected:

Битие 34: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in