YouVersion Logo
Search Icon

Битие 35

35
Јаков во Ветил. Смртта на Рахил и на Јакова. Јакововите синови.
1И му рече Бог на Јакова: »Стани, оди горе во Ветил и живеј таму; и направи таму жртвеник на Бога, Кој ти се јави, кога бегаше од лицето на Исава, братот твој.«
2Тогаш Јаков им рече на своите домашни и на сите, кои беа со него: »Исфрлете ги идолите, што се кај вас, па исчистете се и преоблечете се.
3Да се кренеме и да отидеме во Ветил; таму ќе направам жртвеник на Бога, Кој ме чу во денот на неволјата моја, и беше со мене и ме спаси на патот, по кој одев.«
4И му ги дадоа на Јакова сите идоли, што беа во нивни раце, и обетките, – што ги имаа на ушите; и ги закопа Јаков под дабот кај Сихем; ги остави непознати до денешен ден.
5Потоа отиде Израил. А страв Божји ги беше спопаднал околните градови, та не се кренаа во потера по синовите Израилеви.
6И Јаков дојде во Луз, во земјата Хананска, а тоа е Ветил, тој сам и луѓето што беа со него,
7и направи таму жртвеник, и го нарече тоа место: Ел-Ветил, зашто таму му се беше јавил Бог, кога бегаше од лицето на Исава, својот брат.
8Тогаш умре Девора, доилката на Ревека, и ја погребаа подолу од Ветил, под дабот, кого Јаков го нарече Плачи-даб.
9И му се јави Бог на Јакова во Луз, откако се врати од Месопотамија, и го благослови Бог.
10И му рече Бог: »Името ти е Јаков, но отсега нема да се именуваш Јаков, името ќе ти биде Израил.« И го нарече Израил.
11И уште му рече Бог: »Јас сум твој Бог; плоди се и множи се; народ и многу народи ќе настанат од тебе и цареви ќе излезат од твоето колено.
12И ти ја дадов земјата, што му ја дадов на Авраама и на Исака, твоја да биде, а и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја.«
13Потоа Бог се издигна од местото, каде што му зборуваше.
14А Јаков подигна споменик на истото место, каде што му зборуваше Бог; споменик од камен, па го покропи и го прелеа со елеј.
15И Јаков го нарече тоа место, каде што му зборуваше Бог, Ел-Ветил.
16И отиде Јаков потаму од Ветил, и го распна шаторот свој подалеку од кулата Гадер. А кога им преостана уште маку пат до Ефрат, Рахил роди, и породувањето ѝ беше тешко.
17А кога породилните маки ѝ беа најтешки, бабицата ѝ рече: »Не плаши се, и ова ќе ти биде син.«
18А кога душата ја напушташе, бидејќу умираше, го нарече Венони, т.е. син на болките мои. Но таткото му даде име Венијамин.
19И умре Рахил, и ја погребаа крај патот што води кон Ефрат, а тоа е Витлеем.
20И подигна Јаков споменик над гробот нејзин. Тоа е споменикот на гробот Рахилин до денешен ден.
21А кога замина оттаму, Израил го распна шаторот свој зад кулата Гадер.
22И кога Израил живееше во таа земја, отиде Рувим, та легна со Вала, наложницата на неговиот татко Јаков. И тоа го дочу Израил и се огорчи. А Јаков имаше дванаесет синови.
23Синовите Лиини беа: Рувим, првенецот Јаковов, и по него Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Завулон.
24А синовите на Рахил беа: Јосиф и Венијамин.
25Синови, пак, на Вала, робинката на Рахил, беа Дан и Нефталим.
26А синови на Зелфа, робинката Лиина, се: Гад и Асир. Тоа се синови Јаковови, кои му се родија во Месопотамија.
27И дојде Јаков кај Исака, таткото свој, кој уште беше жив во Мамре во Киријат-Арби, односно во Хеврон, во земјата Хананска, каде што Авраам и Исак беа придојдени.
28А Исак имаше сто и осумдесет години.
29И изнемоштен, умре Исак, и беше прибран кај родот свој, бидејќи стар и сит од животот. А го погребаа синовите негови Исав и Јаков.

Currently Selected:

Битие 35: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in