YouVersion Logo
Search Icon

Исход 25

25
Пролози, ковчегот и поклопецот, маса за лебовите и свеќник.
1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2»Кажи им на синовите Израилеви да Ми соберат прилог: земете прилог кој од драго срце Ми дава.
3А прилогот што ќе го земете од нив да биде: злато, сребро и бакар;
4преѓа сина, црвена и темноцрвена како вткаен висон и козина;
5и убави кожи овнешки црвени, кожи сини и дрво ситим;
6масло за светење, и мириси за маслото за помазание и за мирисно кадило;
7камења оникс и камења за украсување на ефодот и наградникот.
8Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам.
9Сѐ, како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите нејзини сосуди – така да направат.
10Направи ковчег на сведоштвото од дрвото ситим, во должина од два лакта и пол, а во ширина на еден и пол лакот, и во висина еден и пол лакот;
11и позлати го со чисто злато: позлати го одвнатре и однадвор; направи му златен венец околу врвот;
12и излиј за него четири алки од злато, и постави ги на четирите негови страни: две алки од едната страна и две алки од другата страна.
13Направи од дрвото ситим лостови, позлати ги со чисто злато,
14и провлечи ги лостовите низ алките од обете страни на ковчегот, за да се носи на нив ковчегот;
15лостовите во алките на ковчегот нека стојат, да не се вадат од нив.
16А во ковчегот положи ги сведоштвата, што ќе ти ги дадам.
17Направи исто така и очистилиште – поклопец од чисто злато, долго два лакта и пол, а широко еден и пол лакот.
18И направи два херувима од злато, леани направи ги и постави на двата краја од поклопецот;
19да се направат херувими: еден од една страна, а втор од друга страна на поклопецот; направи два херувима на обете страни;
20херувимите да бидат со крилата угоре, та со крилата да го засолнуваат поклопецот, а со лицата свртени еден спроти друг; лицата на херувимите нека бидат свртени кон очистилиштето.
21И стави го поклопецот одозгора над ковчегот, а во ковчегот положи ги сведоштвата, што ќе ти ги дадам Јас:
22и тука, над поклопецот, меѓу двата херувима, кои ќе бидат над ковчегот на сведоштвото, ќе ти се јавувам тебе и отаде ќе ти зборувам тебе и за си ќе им заповедам преку тебе на синовите Израилеви.
23Направи и трпеза од дрвото ситим: долга два лакта, а широка еден лакот, висината да и е лакот и половина.
24И позлати ја со чисто злато, а направи и златен венец наоколу:
25и направи пораб и на венецот наоколу исто;
26а направи за неа и четири алки од злато, и прицврсти ги алките на четирите страни од нејзините четири нозе, под венецот;
27на страниците нека има алки, за да можат во нив да се стават лостови, па трпезата со нив да се подигнува;
28направи ги лостовите од дрвото ситим и позлати ги со чисто злато; и со нив ќе се крева трпезата.
29Направи за неа чинии, кадилници, чаши и црпки, со кои ќе се врши преливање; а ќе ги направиш од чисто злато.
30На трпезата поставувај ги секогаш лебовите принесени пред Мене.
31И направи светилник од чисто злато; светилникот нека биде излеан; неговиот столб, неговите гранки и чашки со јаболкца и неговите цветови – и сите тие на него нека бидат;
32шест гранки нека излегуваат од страните: три гранки од едната страна на светилникот, а три гранки од другата страна на светилникот;
33три чашки во облик на оревче, со јаболче и цветови нека има едната гранка, и три чашки како бадемов цвет, со јаболче и цветови на другата гранка; и така нека има на шесте гранки, што излегуваат од светилникот,
34а на самиот светилник нека има четири чашки во вид на орев, јаболкца и цветови;
35едно јаболче под две гранки, од него, и едно јаболче под другите две гранки, од него, и едно јаболче од другите две гранки, така нека има шест гранки што излегуваат од светилникот, и на светилникот четири чашки во вид на орев.
36Јаболчињата и гранките нивни од него треба да излегуваат; целиот да биде излеан од чисто злато.
37И направи му седум кандила, и стави ги кандилата негови да светат од предната негова страна;
38а и штипките и пепеларките за нив нека бидат од чисто злато направени;
39од талант чисто злато да ги направиш сите тие сосуди.
40И гледај да ги направиш според образецот, што ти беше покажан на планината.«

Currently Selected:

Исход 25: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in