YouVersion Logo
Search Icon

Исход 2

2
Мојсеевото раѓање, чудното одржување и одгледување. Неговото бегање и брак.
1Еден човек од племето Левиево отиде и се ожени со една од ќерките Левиеви.
2Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци.
3Но, кога не можеше повеќе да го крие, мајката зеде кошниче од трски; го облепи со смола и катран; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката.
4А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него.
5Ќерката, пак, Фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слугинки одеа покрај реката. И таа го забележа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе.
6А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: »Ова е еврејско дете.«
7Тогаш сестрата негова ѝ рече на ќерката Фараонова: »Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?«
8А ќерката Фараонова ѝ рече: »Оди!« И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето.
9Ќерката Фараонова ѝ рече: »Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.« И го зеде жената детето и го доеше.
10А кога детето порасна, го одведе кај ќерката Фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи, »оти од вода го извадив.«
11По многу време, кога Мојсеј стана возрасен, отиде меѓу браќата свои, синовите Израилеви, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египтјанин бие Евреин – еден од браќата негови.
12Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египтјанинот и го закопа во песокта.
13Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: »Зошто го биеш ближниот свој?«
14А тој одговори: »Кој те постави тебе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот?« Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: »Значи, се разбрало за ова?«
15И Фараонот беше чул за ова, па сакаше да го погуби Мојсеја. Но Мојсеј избега од Фараонот и се насели во земјата Мадијамска. Кога дојде во земјата Мадијамска, седна крај еден извор.
16А свештеникот Мадијамски, пак, имаше седум ќерки, кои ги пасеа овците на татка си Јотор. И тие дојдоа и почнаа да земаат вода додека не ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на таткото свој Јотор.
17Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото.
18И тие се вратија кај таткото свој Јотор, а тој ги праша: »Како толку бргу се вративте денес?«
19Тие одговорија: »Еден Египтјанин нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците наши.«
20А тој им рече на ќерките свои: »Па, каде е? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде леб!«
21И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеја за жена ќерката своја Сепфора.
22И таа зачна и роди син, и Мојсеј му стави име Гирсам, »бидејќи сум – рече – придојден во туѓа земја.« И пак зачна и роди втор син, и му стави име Елиезер, велејќи: »Бог на мојот татко ми е Помошник и ме избави од рацете Фараонови.«
23А по многу време умре царот египетски. А синовите Израилеви уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките работи дојде до Бога.
24И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова.
25И погледна Бог на синовите Израилеви, и се смили над нив.

Currently Selected:

Исход 2: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in