Исаија Вовед
Вовед
Пророкот Исаија бил Божји гласник меѓу Јудејците околу четириесет години. За тоа време во Јудеја се изредиле четири цареви. Ова е период на доминација на Асирците, кои покориле голем број земји, меѓу кои и северното царство Израел. Јужното царство Јудеја не било целосно покорено, но неговите жители биле принудени да плаќаат големи даноци.
Книгата на пророкот Исаија има 66 глави и може да се подели на три дела:
Првиот дел (1–39) ја истакнува Божјата светост и сила. Поради Својата светост, Господ се разгневил против злото меѓу жителите на Јудеја. Власта била корумпирана, а насилството и неправдите царувале. Затоа Господ ја објавува казната што ќе ги снајде Јудејците од страна на Асирците и Вавилонците. Сепак, Господ им навестува и надеж за иднината, доколку народот се покае и се обрати. Овој прв дел од книгата го опфаќа периодот од 740-700-та година пр. Христос.
Вториот дел од книгата (40–55) е наречен и Утеха за Израел. Во овој дел Господ му се обраќа на народот кој веќе бил казнет и обесхрабрен. Господ им порачува да не се надеваат на немоќни идоли, туку да се обратат кон Семоќниот Господ, Кој ќе ги избави од Вавилон и од другите земји по кои Божјиот народ бил расеан. Тогаш Господ ќе ги врати во нивната земја и ќе ги благослови.
Третиот дел (56–66) се однесува на периодот по враќањето од ропството во Вавилон. Во 538 година пр. Христос, персискиот цар Кир потпишал декрет со кој на Евреите им се дозволува да се вратат во Ерусалим и да го обноват храмот. Оние што се вратиле ја затекнале својата земја во урнатини и живееле под многу тешки услови за време на обновата. Сепак, Господ им ветува светла иднина на оние кои ќе Му бидат верни.
Currently Selected:
Исаија Вовед: MK2006
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006