Maтеј 7
7
1„Не осудувајте други, па и вие нема да бидете осудувани.
2Зашто, како што ќе судите вие, така и вам ќе ви биде судено; со каква мера ќе мерите, со таква и вам ќе ви се мери.
3Не гледај ја раската во окото на твојот ближен, туку гледај ја гредата во сопственото око!
4Како можеш да му кажеш на својот ближен: „Дај да ти ја извадам раската од окото“, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!?
5Тоа е лицемерство! Отстрани си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на твојот ближен!“
6„Не давајте им го на пците тоа што е свето; не фрлајте бисери пред свињи, зашто тие ќе ги изгазат, а пците, пак, и врз вас ќе се нафрлат!“
7„Молете и ќе добиете; барајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви биде отворено,
8бидејќи, секој што моли ќе добие; оној што бара ќе најде; на оној што чука ќе му биде отворено.
9Има ли меѓу вас некој, кој на својот син би му дал камен, ако тој моли за леб?
10Или да му подаде змија, ако тој моли за риба!?
11Па, кога вие, коишто сте грешни, знаете да им давате добри подароци на своите деца колку повеќе и подобри нешта ќе добие од својот небесен Татко оној што ќе Го замоли!“
12„Постапувајте со луѓето онака како што сакате тие да постапуваат со вас тоа е суштината на Мојсеевиот Закон и на она што го проповедаа пророците.“
13„Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст!
14А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“
15„Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци.
16По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви!
17Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови.
18Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод.
19А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат!
20Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“
21„Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко.
22Кога ќе дојде Судниот ден, мнозина ќе ми велат: ,Господе, Господе! Ние во Твое име пророкувавме, во Твое име демони протерувавме и во Твое име чуда правевме!‘
23Тогаш Јас ќе им речам: ,Никогаш не Сум ве познавал! Тргнете се од Мене вие кои ги кршевте Божјите закони!‘“
24„Секој што ги слуша Моите зборови и ги извршува е мудар и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз камена подлога;
25кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа нема да се урне, бидејќи е изградена врз камена подлога.
26А секој што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува е глупав и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз песок;
27кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа ќе се урне со стравотен тресок!“
28Кога Исус го заврши својот говор, народот беше восхитен од начинот на кој Тој го поучуваше,
29зашто, за разлика од вероучителите, Тој го поучуваше со вистински авторитет.
Tans Gekies:
Maтеј 7: MNT
Kleurmerk
Deel
Kopieer
Wil jy jou kleurmerke oor al jou toestelle gestoor hê? Teken in of teken aan
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.