YouVersion Logo
تلاش

Матеј 5

5
Беседа на гората: блаженствата. Достоинството и должностите на учениците. Целиот Закон ќе се изврши.
1Кога го виде народот, Он се искачи на планината; а штом седна, учениците Негови се приближија до Него.
2И кога ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше:
3»Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!
4Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат!
5Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!
6Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат!
7Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
8Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!
9Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!
10Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!
11Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене!
12Радујте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.
13Вие сте солта на земјата. Но, ако солта ја изгуби силата, со што ќе се осоли? Таа веќе за ништо не е, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.
14Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.
15Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи.
16Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни.
17Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.
18Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ.
19И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во царството небесно; а оној што ќе ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно.
20Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно.
21Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој убие, виновен е пред судот‘.
22Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, ќе биде виновен пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде виновен за во пеколот.
23И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,
24тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот.
25Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш затворен;
26вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму сѐ дури не го дадеш и последниот кодрант.
27Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘
28Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.
29Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.
30И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; оти подобро ти е да погине еден твој дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.
31Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде развод‘.
32А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.
33Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господа исполнувај ги‘.
34Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, оти тоа е престол Божји;
35ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, оти е град на великиот Цар.
36Не колни се ни во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да го направиш бело или црно.
37Но зборот ваш да биде: да, да, – не, не, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.
38Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб‘.
39Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.
40А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека.
41И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.
42На оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем.
43Сте слушале дека е кажано – ‚Љуби го својот ближен и мрази го непријателот‘.
44А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат,
45за да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните.
46Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците?
47И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците?
48Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.«

موجودہ انتخاب:

Матеј 5: MK1990

سرخی

شئیر

کاپی

None

کیا آپ جاہتے ہیں کہ آپ کی سرکیاں آپ کی devices پر محفوظ ہوں؟ Sign up or sign in