Јован 2
2
Свадбата во Кана. Чистењето на храмот.
1На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и мајката на Исуса беше таму.
2Поканет беше исто така на свадбата и Исус, и учениците Негови.
3А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: »Немаат вино.«
4Исус ѝ рече: »Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.«
5Но мајка Му Негова им рече на слугите: »Сѐ што ќе ви рече, направете!«
6А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според јудејскиот обичај, што собираа по две до три мери.
7А Исус им рече: »Наполнете ги садовите со вода!« И тие ги наполнија догоре.
8Па им кажа: »Нацрпете сега и однесете му на старосватот!« И му однесоа.
9И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не знаеше од каде е, но слугите, што ја беа донеле водата, знаеја, и го повика младоженецот,
10и му рече: »Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а, кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го зачувал доброто вино за сега.«
11Така направи Исус почеток на Своите чудеса во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.
12Потоа слезе во Капернаум, Он и мајка Му, и браќата Негови, и учениците Негови; и таму останаа неколку дена.
13Се приближуваше Пасха јудејска, и Исус се искачи во Ерусалим;
14и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат.
15И кога направи бич од врвци, ги истера од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврти масите;
16па им рече на оние што продаваа гулаби: »Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување!«
17Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: »Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.«
18А Јудејците одговорија и Му рекоа: »Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа?«
19И им одговори Исус и рече: »Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам.«
20А Јудејците рекоа: »Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?«
21Но Он говореше за храмот на Своето тело.
22А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус.
23И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудесата Негови, што ги вршеше, поверуваа во Неговото име.
24Но Сам Исус не им се доверуваше, оти ги познаваше сите,
25и немаше потреба никој да Му сведочи за човекот, бидејќи Сам знаеше, што има во човекот.
Aktualisht i përzgjedhur:
Јован 2: MK1990
Thekso
Ndaje
Copy
A doni që theksimet tuaja të jenë të ruajtura në të gjitha pajisjet që keni? Regjistrohu ose hyr
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016