Битие 8
8
Крај на потопот. Ноевите жртви од благодарност. Заветот на Господа.
1И си спомна Бог за Ноја, и за сите ѕверови и сиот добиток, што беше со него во ковчегот; и навеа Бог ветар на замјата, и водите запреа.
2Изворите на бездната и окната небески се затворија, и дождот од небото престана.
3Водата почна постепено да опаѓа на замјата, и по сто и педесет дена намали.
4И се запре ковчегот во седмиот месец на седумнаесеттиот ден на ридовите од планината Арарат.
5Водата, пак, опаѓаше сѐ повеќе до десеттиот месец; и во првиот ден од десеттиот месец се покажаа врвовите на планините.
6А по четириесет дена го отвори Ное прозорецот на ковчегот, што го беше направил;
7И пушти гавран, да види дали се повлекла водата на замјата и, откако одлета, не се врати додека не се исуши водата.
8Потоа пушти гулаб, за да види дали исчезнала водата од лицето на земјата;
9но гулабот, бидејќи не најде каде да застане со своите нозе, се врати кај него во ковчегот, зашто уште имаше вода по целата земја; и Ное ја спружи раката, го фати и го зеде кај себе во ковчегот.
10Почека уште други седум дена, и повторно го пушти гулабот од ковчегот.
11Гулабот се врати кај него приквечер, и тоа, во клунот со свеж маслинов лист; така позна Ное дека опаднала водата од земјата.
12Почека потоа уште седум дена, и одново го пушти гулабот, а тој повеќе не му се врати.
13Во шестотини и првата година, во првиот ден од првиот месец на Ноевиот живот, ја снема водата од земјата; и Ное го отвори покривот, и ја виде земјата сува.
14А на дваесет и седмиот ден, од вториот месец, целата земја беше сува.
15Тогаш му рече Господ Бог на Ноја:
16»Излези од ковчегот, ти и жената твоја, а со тебе и синовите твои, и жените на синовите твои;
17сите животни, што се со тебе од секое суштество, од птиците, добитокот и сите влекачи што лазат по земјата, изведи ги со себе, нека се растурат по земјата, и нека се плодат и множат на земјата!«
18И излезе Ное, а со него и синовите негови, и жената негова, и жените на синовите негови;
19сите ѕверови, и сиот добиток и сите лазачи, сите птици – сѐ што се движи по земјата, според родот нивни, излегоа од ковчегот.
20И Му направи Ное жртвеник на Господа; зеде од секој чист добиток и од сите птици чисти, и принесе на жртвеникот жртви сепаленици.
21И Господ го почувствува мирисот пријатен, па рече Господ Бог, помислувајќи: »Нема повеќе да ја проколнувам земјата поради човекот, зашто помислите на срцето човечко се зли уште од младини; и нема повеќе да ги уништуам живите суштества, што ги создадов.
22Отсега, па сѐ дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите.«
လက်ရှိရွေးချယ်ထားမှု
Битие 8: MK1990
အရောင်မှတ်ချက်
မျှဝေရန်
ကူးယူ
မိမိစက်ကိရိယာအားလုံးတွင် မိမိအရောင်ချယ်သောအရာများကို သိမ်းဆည်းထားလိုပါသလား။ စာရင်းသွင်းပါ (သို့) အကောင့်ဝင်လိုက်ပါ
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016