Софонија 2:4-15
Софонија 2:4-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зашто Газа ќе биде напуштена и Ашкелон ќе запусти, Ашдод ќе биде изгонет среде ден, а Екрон ќе се искорени. Тешко им на жителите од приморскиот крај, на народот од Крит! Словото Господово е против вас, Хананци, земјо филистејска! Јас ќе те истребам, и во тебе нема да има жители, па ќе стане приморскиот крај ливада, овчарско пасиште и ограда за добиток. И тој крај ќе му припадне на остатокот од домот Јудин, и ќе пасат таму и во куќите на Ашкелон вечерта ќе ја поминуваат, зашто Господ, нивниот Бог, ќе ги посети и ќе им ја измени судбината. Го чув хулењето од Моав и навредите од синовите Амонови, како се подигруваат со Мојот народ и како се шират во пределите негови. Но жив сум Јас, вели Господ Саваот, Бог Израелов: Моав ќе биде како Содом, и синовите на Амон ќе бидат како Гомора, земја на коприви, соларник, пустина за навек; остатокот од Мојот народ ќе ги плени, и оние што ќе останат од Мојот народ, ќе ги наследи. Тоа ќе им биде цената за гордоста нивна, зашто се подигруваа и се ширеа над народот на Господ Саваот. Страшен ќе биде за нив Господ: Тој ќе ги истреби сите земни богови, и Нему ќе Му се поклонат – сите од своите места, сите острови на народите. И вие, Етиопјани, ќе бидете поразени од Мојот меч. Потоа Господ ќе ја протегне раката Своја на север, ќе го уништи Ашур, а Ниневија ќе ја претвори во урнатина, во место суво како пустина, и стада ќе лежат по неа и секаков вид животни: буф и еж ќе ноќеваат врз столбовите, утки и гаврани ќе гракаат по праговите, зашто нивните кедарски градби ќе запустат. Тој ли е прочуениот град, кој живееше безгрижно и во срцето свое си велеше: „Јас сум и нема друг освен мене!?“ И еве, ќе стане урнатина, легло за ѕверови! И секој што ќе помине покрај него, ќе потсвирне и ќе мавне со раката.
Софонија 2:4-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Да, Газа ќе стане пустина, Аскалон запустување. Азот ќе биде протеран на пладне, Акарон откорнат од основи. Тешко им на жителите на морскиот брег, на критскиот народ! Еве го Господовото слово против вас Ханаанците, Земјо на Филистејците: „Ќе те уништам, ќе ги истребам сите твои жители!“ И ќе станеш за пасење пастирско пасиште и ограда за стадо. И тој крај ќе му припадне на Остатокот на Јудиниот дом; таму тие ќе го водат добитокот на пасење; навечер ќе се одморуваат во аскалонските куќи, зашто ќе ги посети Господ, нивниот Бог, и Тој ќе ги врати од ропство. „Ја чув Моавовата навреда и потсмевнувањето на Амоновите синови, кога го навредуваа Мојот народ и се гордееја против нивните предели. Затоа, жив Сум Јас!“ - говори Господ над Војските, Израелевиот Бог, „Моав ќе стане како Содом и Амоновите синови како Гомор: поле обрастено со коприва, куп сол, вечна пустина. Остатокот на Мојот народ ќе ги ограби, најостатокот од Мојот народ ќе ги завладее.“ Тоа ќе биде цената за нивната гордост, зашто се воздигаа и му се потсмеваа на народот на Господа над Војските. Господ ќе биде страшен за нив: кога ќе ги уништи сите земни богови, пред Него ќе се поклонат - секој во својата земја - сите острови на народите. „И вие, Етиопци: вие ќе бидете погубени со Мојот меч.“ Потоа ќе ја подигне Својата рака против Север и ќе ја разруши Асирската Земја, од Нинивија ќе направи урнатини, суво место како пустина. Среде неа ќе лежат: стадото, и секакви ѕверови на народите: чапли и ежови ќе почиваат ноќе на главчињата на столбовите, гласот нивни ќе ѕвечи на прозорците, и ќе оголи сѐ што е од кедрова направа. Тоа ли е веселиот град, што живееше во мир, кој зборуваше во своето срце: „Јас и единствено јас!“ Гледај, стана урнатина, ѕверско дувло! Сите, кои поминуваат покрај него, свират со устата и мавтаат со рацете.