Зашто Газа ќе биде напуштена и Ашкелон ќе запусти, Ашдод ќе биде изгонет среде ден, а Екрон ќе се искорени. Тешко им на жителите од приморскиот крај, на народот од Крит! Словото Господово е против вас, Хананци, земјо филистејска! Јас ќе те истребам, и во тебе нема да има жители, па ќе стане приморскиот крај ливада, овчарско пасиште и ограда за добиток. И тој крај ќе му припадне на остатокот од домот Јудин, и ќе пасат таму и во куќите на Ашкелон вечерта ќе ја поминуваат, зашто Господ, нивниот Бог, ќе ги посети и ќе им ја измени судбината.
Го чув хулењето од Моав и навредите од синовите Амонови, како се подигруваат со Мојот народ и како се шират во пределите негови. Но жив сум Јас, вели Господ Саваот, Бог Израелов: Моав ќе биде како Содом, и синовите на Амон ќе бидат како Гомора, земја на коприви, соларник, пустина за навек; остатокот од Мојот народ ќе ги плени, и оние што ќе останат од Мојот народ, ќе ги наследи. Тоа ќе им биде цената за гордоста нивна, зашто се подигруваа и се ширеа над народот на Господ Саваот. Страшен ќе биде за нив Господ: Тој ќе ги истреби сите земни богови, и Нему ќе Му се поклонат – сите од своите места, сите острови на народите.
И вие, Етиопјани, ќе бидете поразени од Мојот меч.
Потоа Господ ќе ја протегне раката Своја на север, ќе го уништи Ашур, а Ниневија ќе ја претвори во урнатина, во место суво како пустина, и стада ќе лежат по неа и секаков вид животни: буф и еж ќе ноќеваат врз столбовите, утки и гаврани ќе гракаат по праговите, зашто нивните кедарски градби ќе запустат. Тој ли е прочуениот град, кој живееше безгрижно и во срцето свое си велеше: „Јас сум и нема друг освен мене!?“ И еве, ќе стане урнатина, легло за ѕверови! И секој што ќе помине покрај него, ќе потсвирне и ќе мавне со раката.