Песна над песните 4:9-16
Песна над песните 4:9-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ти го освои срцето мое, сестричке, невесто, го плени срцето мое со еден поглед на очите свои и само со една од веришките на вратот свој. О, колку е слатка љубовта твоја, сестричке, невесто! Послатка е љубовта твоја од вино, и пријатниот мирис од твоите масла е попријатен од сите ароми. Од устата твоја капе восочен мед, невесто, мед и млеко под јазикот твој, и мирисот на облеката твоја е како мирис леванонски! Затворена градина е мојата сестричка, невеста, извор затворен, кладенец запечатен; твојот насад е градина од дрвја со вкусни плодови, кипар и нард, нард и шафран, трска и цимет со секакви миризливи дрвја, смирна и алој со најубави ароми, ти си градински извор, кладенец од жива вода, поток што тече од Ливан. Возљубената: Подигни се, ветре, од север, повеј и ти, ветре, од југ и повеј над градината моја, за да прострујат аромите нејзини! Нека дојде мојот возљубен во градината своја и нека касне од слатките плодови нејзини.