Римјаните 7:14-19
Римјаните 7:14-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Очигледно е дека Законот е духовен, добар, но јас сум човек од крв и месо, продаден како роб на гревот. Сам себеси не можам да се разберам. Не го правам тоа што го сакам, туку она што го мразам. Со самото тоа што ме гризе совеста кога правам грев, јас се согласувам со Божјиот Закон и потврдувам дека тој е добар, но, не успевам да се противставам, бидејќи гревот е во мене и ме тера да грешам. Свесен сум дека во мене, односно во моето тело, нема сили за ништо добро. Желба за добро има во мене, но не и сила да го извршам. Не го правам тоа што е добро, како што би сакал, туку го правам она што не го сакам, она што е грешно.
Римјаните 7:14-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас, пак, сум телесен, продаден на гревот како роб. Не го разбирам тоа што го правам; бидејќи не го правам она што сакам, туку она што го мразам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар. Значи, тоа веќе не го правам јас, туку гревот, што живее во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; навистина желба за добро во мене има, но не и сила да го правам тоа. Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам.
Римјаните 7:14-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас сум телесен, продаден, под грев. Така, не знам што правам; зашто не го правам она, што го сакам, туку го правам она, што го мразам. Ако пак го правам, она што не го сакам, се согласувам со Законот дека тој е добар. Зашто тоа веќе не го правам јас, туку гревот, кој живее во мене. Имено, јас знам дека никакво добро не живее во мене, односно во моето тело; зашто, желба за добро има во мене, но не и сила за да го правам тоа, зашто не го правам доброто, што го сакам, туку го правам злото, што не го сакам.