Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 12:9-21

Римјаните 12:9-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Сакајте ги луѓето искрено, а не лицемерно. Мразете се што е зло и решително правете добро. Сакајте се срдечно како браќа. Кога се работи за почести, давајте им предност на другите. Бидете ревносни, а не мрзливи. Служете Му на Господ со пламенен дух. Надежта што ја имате нека ве исполнува со радост. Кога ви е тешко, бидете стрпливи и постојано молете се. Грижете се за потребите на посветените Божји луѓе и бидете гостољубиви. Ако луѓето ве прогонуваат поради вашата вера во Христос, не колнете ги, туку благословувајте ги. Радувајте се со оние што се радуваат, тагувајте со оние што тагуваат. Трудете се да живеете во меѓусебна слога. Не бидете вообразени, туку дружете се со обичните луѓе. Немојте да мислите дека се знаете! Никому не враќајте зло за зло. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро. Од ваша страна трудете се да живеете во мир со сите луѓе. Драги пријатели, немојте да се одмаздувате. Препуштете му ја одмаздата на Божјиот гнев. Во Светото Писмо, Господ вели: “Одмаздувањето е Моја работа. Јас ќе возвратам!“ А ти, напротив, постапувај според учењето на Светото Писмо кое вели: “Ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, дај му да пие. Така ќе го засрамиш, како со вжарени гламни да си му ја посипал главата.“ Не дозволувајте злото да ве надвладее, туку вие надвладувајте го злото со добро.

Римјаните 12:9-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Љубовта нека не биде лицемерна; стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто. Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Во усрдноста да не сте колебливи; бидете со горлив дух; служете Му на Господ; радувајте се во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани; помагајте им на светиите во нивни­те потреби; трудете се да бидете госто­прим­ливи; благословувајте ги оние што ве го­нат; благословувајте ги и не ги проколнувајте. Радувајте се со оние што се радува­ат и плачете со оние што плачат! Бидете меѓу себе едномислени; не ставајте си во умот високи работи, туку предајте се кон скромни нешта; не мислете дека сте мудри; и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатувам – вели Господ.“ И така, ако непријателот твој е гла­ден, нахрани го; ако е жеден, напој го; зашто, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова. Не допуштај злото да те победи, туку победи го злото со добро.

Римјаните 12:9-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Љубовта нека ви биде нелицемерна! Отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто! Љубете се еден друг срдечно со братска љубов! Натпреварувајте се во почитување еден кон друг! Бидете неуморни во ревноста! Бидете пламени во духот! Служете Му на Господа. Радувајте се во надежта, бидете трпеливи во неволја; постојани во молитва! Помагајте им на светите во нивните потреби! Ревнувајте во гостољубие! Благословувајте ги оние, кои ве гонат: благословувајте ги, а не проколнувајте ги! Радувајте се со оние, кои се радуваат и плачете со оние, кои плачат! Бидете едномислени едни кон други! Не стремете се кон високи нешта, туку држете се за скромните! Не сметајте се сами себеси мудри! Никому не враќајте зло за зло! А размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе! Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе! Не одмаздувајте се за себе, возљубени; туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе ја отплатам! - говори Господ.“ Туку, ако твојот непријател е гладен, нахрани го; ако е жеден - напој го! Зашто, ако го правиш тоа, ќе натрупаш жар на неговата глава.“ Не оставај да те победи злото; туку победи го злото со добро!