Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 12:1-9

Римјаните 12:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги пријатели христијани, имајќи ја предвид Божјата благонаклоност спрема вас, ве молам да ги принесете своите тела како жива жртва, света и пријатна за Бог. Тоа е најдобриот начин да Му служите. Не сообразувајте се со световните луѓе, туку допуштете Бог однатре да ве преобрази така што Тој ќе го промени начинот на кој размислувате. Тогаш ќе можете да согледате што сака Бог да правите, што е добро, пријатно и совршено. Како Божји гласник, избран врз основа на Неговата благонаклоност, на секој од вас му порачувам дека за себе не треба да има повисоко мислење одошто заслужува. Бидете скромни и проценувајте ја сопствената вредност според големината на верата што Бог ви ја дал. Како што ние во своето тело имаме многу органи и секој орган си има своја улога, така е и со Црквата - телото Христово. Сите ние сме органи на „Христовото тело“ и имаме потреба еден од друг. Бидејќи Бог ни беше благонаклонет, на секој од нас му даде различни дарби. Ако е некој надарен да пророкува, нека пророкува согласно со верата што ја има. Ако е некој надарен да служи, нека служи; ако е надарен да поучува, нека поучува; ако е надарен да ги охрабрува луѓето, нека го прави тоа. Ако е некој дарежлив, нека дава штедро. Ако раководи, нека раководи најдобро што знае и умее. Ако од милосрдие им помага на луѓето, нека го прави тоа со радост. Сакајте ги луѓето искрено, а не лицемерно. Мразете се што е зло и решително правете добро.

Римјаните 12:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Браќа, во името на Божјото милосрдие ве молам подајте ги те­лата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, како ваша духовна богослужба. Не сообразувајте се со овој век, туку преобразете се со возобновување на ва­шиот ум за да можете да испитувате и осознавате што е волјата Божја: што е добро, благоугодно и совршено. Зашто, заради благодатта што ми е мене дадена, на секого од вас му ка­жу­вам да нема за себе повисоко мислење отколку што треба да има; туку нека има за себе поскромно мислење за да расудува според мерката на верата што Бог на секого му ја одмерил. Зашто, како што во едно тело имаме многу органи, но сите органи не деј­ствуваат на еднаков начин, така и ние мнозина сме едно тело во Христос, а секој поединечно сме органи еден на друг. Според дадената благодат имаме различни дарби: ако е тоа пророчка дарба, тогаш нека биде во сразмерот со верата; ако е тоа дарба за служење, нека служи; ако ли е пак тоа дарба за поу­чу­вање – нека поучува! Ако е пак за утешител – нека уте­шу­ва; дарител ли, нека дарува штедро; кој управува, нека управува со усрдност; кој прави милосрдие, нека го врши тоа со добра волја. Љубовта нека не биде лицемерна; стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто.

Римјаните 12:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба. Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја! Зашто, преку благодатта што ми е дадена, му велам на секој еден помеѓу вас: да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли - туку мислите нека ви бидат насочени кон разумно размислување, според мерата на верата, која Бог му ја доделил секому. Зашто, како што во едно тело имаме многу членови, а сите членови немаат иста служба, така и ние, мнозината, сме едно тело во Христа, а како поединци - членови сме еден на друг. И имаме разни дарби, според дадената ни благодат: ако е пророштво, нека е согласно со верата! Ако е служење нека служи! Ако е некој учител - нека поучува! Кој има дар за утеха - нека утешува! Кој раздава, нека дава богато! Кој управува, нека биде ревносен! Кој покажува милост, нека го прави тоа весело! Љубовта нека ви биде нелицемерна! Отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто!