Римјаните 1:16-32
Римјаните 1:16-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера.“ Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината, затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење. Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог. Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа. Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави. Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги. Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата. Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин! Поради тоа Бог ги препушти на нивните срамни страсти. Дури и нивните жени веќе не водат љубов на природен начин, туку прават противприродни работи. Истото го прават и мажите. Напуштајќи го природниот однос со жените, ги распалуваат страстите еден спрема друг, мажи со мажи прават срамни нешта и врз себе добиваат заслужена казна за својата расипаност. Бидејќи тие одбија да го прифатат Бога во своите умови, Тој ги препушти на нивните изопачени умови, да прават непристојни работи. Се исполнија со секаков вид неправедност, лошотија, алчност, злоба, завист, убиства, раздор, измама, подмолност и озборувања. Клеветат, Го мразат Бога, дрски се, арогантни, фалба?ии, постојано измислуваат нови начини да направат некое зло. Непослушни се спрема родителите, неразумни, ветеното не го исполнуваат, бездушни се и безмилосни. Иако знаат дека според Божјиот праведен Закон сите што така постапуваат заслужуваат смрт, сепак, не само што си тераат по свое, туку ги поттикнуваат и другите така да прават.
Римјаните 1:16-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зашто јас не се срамам од Евангелието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин. Бидејќи во него се открива правдата Божја, од верата и во верата, како што е напишано: „Праведникот преку верата ќе живее.“ Зашто гневот Божји се открива од небото против секоја безбожност и неправда на луѓето кои вистината ја спречуваат со неправда. Па така, она, кое може да се знае за Бога, ним им е откриено, бидејќи Бог тоа им го открил. И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела, па така тие немаат изговор. Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи; тврдејќи дека се мудри, тие обезумија, и славата на непропадливиот Бог ја заменија со лик на смртен човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи. Затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистота, па сами да си ги обесчестуваат своите тела. Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во вечни векови. Амин! Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни. И мажите исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост. И бидејќи не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега, исполнети со секаква неправда, лукавство, алчност, злоба; полни со завист, убиства, кавги, измами, злонамерност; озборувачи, клеветници, богомрасци, насилници, фалбаџии, горделивци, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви. Тие, иако ја познаваат праведната одредба Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклонети и кон оние што ги вршат.
Римјаните 1:16-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот. Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.“ Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината; зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа. Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор. Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи. Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи. Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела; нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин! Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно; мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда. И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега: исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите, неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие. Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават.