Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 1:16-32

Римјаните 1:16-32 MNT

Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера.“ Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината, затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење. Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог. Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа. Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави. Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги. Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата. Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин! Поради тоа Бог ги препушти на нивните срамни страсти. Дури и нивните жени веќе не водат љубов на природен начин, туку прават противприродни работи. Истото го прават и мажите. Напуштајќи го природниот однос со жените, ги распалуваат страстите еден спрема друг, мажи со мажи прават срамни нешта и врз себе добиваат заслужена казна за својата расипаност. Бидејќи тие одбија да го прифатат Бога во своите умови, Тој ги препушти на нивните изопачени умови, да прават непристојни работи. Се исполнија со секаков вид неправедност, лошотија, алчност, злоба, завист, убиства, раздор, измама, подмолност и озборувања. Клеветат, Го мразат Бога, дрски се, арогантни, фалба?ии, постојано измислуваат нови начини да направат некое зло. Непослушни се спрема родителите, неразумни, ветеното не го исполнуваат, бездушни се и безмилосни. Иако знаат дека според Божјиот праведен Закон сите што така постапуваат заслужуваат смрт, сепак, не само што си тераат по свое, туку ги поттикнуваат и другите така да прават.