Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 6:9-17

Откровение 6:9-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имаа и викаа со висок глас, велејќи: „До кога, Севишен, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?“ И на секого од нив им се дадоа бели облеки, и им се рече да починат уште малку време, додека не се дополни бројот на нивните сотрудници и браќа, што ќе бидат убиени, како и тие. И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв; ѕвездите, пак, небесни паднаа на земјата, како што смоквата лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои; и небото исчезна како свиткана хартија, и секоја гора и секој остров се по­местија од местата свои; и царевите земни, и благородни­ци­те, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пеш­те­ри и горски камењари, велејќи им на планините и на кар­пите: „Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да опстане?“

Откровение 6:9-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Јагнето го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите на луѓето што биле убиени поради нивната вера и проповедање на Божјата порака. Тие гласно Му се обраќаа на Господ: „Свет и верен Господару! До кога ќе ја одложуваш пресудата и одмаздата за нашата крв над жителите на Земјата!?“ Тогаш на сите ним им беше дадена бела облека и им беше кажано да се стрпат уште малку време, додека не им се придружат сите другари и сотрудници што ќе бидат убиени како и тие. Гледав, понатаму, како Јагнето го отвора шестиот печат. Тогаш се случи силен земјотрес, Сонцето поцрне како црна облека, а Месечината поцрвене како крв. Ѕвездите од небото испопаѓаа по Земјата, како што паѓаат смокви под дејство на силен ветер. Небото се свитка како хартија и исчезна, а сите планини и острови се изместија. На Земјата сите цареви, великани, воени команданти, богати и влијателни луѓе, робови и слободни - сите се засолнуваа во пештери и во засолништа под планините. Тие им довикуваа на планините и на карпите: „Урнете се врз нас и затрупајте не, скријте не од лицето на Оној што седи на престолот и од лутиот гнев на Јагнето! Зашто дојде страшниот ден на Нивниот гнев и кој може да го издржи!?“

Откровение 6:9-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на закланите заради Божјото слово и заради сведоштвото што го имаа. И извикаа со силен глас, велејќи: „До кога, свет и вистински Господару нема да судиш и да ја одмаздиш нашата крв над оние, кои живеат на земјата?“ И на секого од нив му беше дадена бела облека и им беше речено да починат уште малку време, додека не биде исполнет бројот на нивните сослужители и браќа, кои ќе бидат убиени како и тие. И видов кога го отвори шестиот печат, и се збидна голем земјотрес; и сонцето поцрне како вреќа од кострет, а целата месечина стана како крв, и небесните ѕвезди паднаа на земјата, како што смоквата ги стресува своите незрели плодови, кога ќе ја затресе силен ветер; и небото се истрга како книга што се свиткува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места. И земните цареви, и големците, и војсководците, и богатите, и силниците, и секој роб и секој слободник се сокрија во пештерите и по горските камењари, велејќи им на горите и на карпите: „Паднете врз нас и скријте нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде великиот Ден на Неговиот гнев, и кој може да се одржи?“