Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 6:9-17

Откровение 6:9-17 MNT

Кога Јагнето го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите на луѓето што биле убиени поради нивната вера и проповедање на Божјата порака. Тие гласно Му се обраќаа на Господ: „Свет и верен Господару! До кога ќе ја одложуваш пресудата и одмаздата за нашата крв над жителите на Земјата!?“ Тогаш на сите ним им беше дадена бела облека и им беше кажано да се стрпат уште малку време, додека не им се придружат сите другари и сотрудници што ќе бидат убиени како и тие. Гледав, понатаму, како Јагнето го отвора шестиот печат. Тогаш се случи силен земјотрес, Сонцето поцрне како црна облека, а Месечината поцрвене како крв. Ѕвездите од небото испопаѓаа по Земјата, како што паѓаат смокви под дејство на силен ветер. Небото се свитка како хартија и исчезна, а сите планини и острови се изместија. На Земјата сите цареви, великани, воени команданти, богати и влијателни луѓе, робови и слободни - сите се засолнуваа во пештери и во засолништа под планините. Тие им довикуваа на планините и на карпите: „Урнете се врз нас и затрупајте не, скријте не од лицето на Оној што седи на престолот и од лутиот гнев на Јагнето! Зашто дојде страшниот ден на Нивниот гнев и кој може да го издржи!?“