Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 5:6-14

Откровение 5:6-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш погледнав и Го видов Јагнето. Стоеше сред престолот, опкружено со четирите суштества и со дваесет и четирите старешини. Јагнето имаше лузна како некогаш да било заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух испратен по целата Земја. Јагнето пристапи и ја зеде Книгата што ја држеше во десната рака Седнатиот на престолот. Кога Јагнето ја зеде Книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Него. Секој од нив во рацете имаше харфа и златен пехар полн со запален темјан, што ги претставуваше молитвите на Божјите луѓе. Тие пееја нова песна со следниве зборови: ,Ти Си достоен да ја земеш Книгата, да ги скршиш нејзините печати и да ја отвориш, зашто Ти беше убиен и со Својата крв откупи за Бог луѓе од сите племиња, јазици, народи и раси. Нив ги направи Божјо царство и Негови свештеници кои ќе владеат на Земјата.“ Во моето видение понатаму чув песни од многубројни ангели собрани околу престолот, околу четирите суштества и околу старешините. Бројот на ангелите беше многу милиони и тие пееја громогласно, во хор: “Јагнето што беше убиено е достојно да добие власт, богатство, мудрост, моќ, чест, слава и благослов!“ Тогаш чув како проговорија сите суштества на небото, на земјата, под земјата и во морето. Сите пееја здружени во хор: “Благослов, чест, слава и моќ за Оној што седи на престолот и за Јагнето, за вечни векови!“ А четирите суштества одговараа: „Амин!“, додека дваесет и четирите старешини паднаа ничкум и им се поклонија на Бог и на Јагнето.

Откровение 5:6-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Погледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано, со седумте рога и седумте очи, кои се се­думте духови Божји, пратени по целиот свет. Тој дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот. И кога ја зеде книгата, четирите жи­вотни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето, држејќи секој од нив харфа и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите; и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе, и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваме на земјата!“ Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и старешините, а бројот им беше илјадници и милиони, кои зборуваа со висок глас: „Дос­тој­но е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов!“ И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув како зборува: „На Оној Кој седи на престолот, и на Јаг­не­то – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“ А четирите животни велеа: „Амин!“ И дваесет и четирите ста­ре­ши­ни паѓаа и Му се поклонуваа на вечно Живиот.

Откровение 5:6-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Видов, и ете, среде престолот и четирите живи суштества и среде старешините: Јагне, што стои како заклано, со седум рогови и седум очи; тоа се седумте Божји Духови, пратени по целата земја. И дојде и го зеде книжниот свиток од десницата на Оној, Кој седи на престолот. И кога го зеде свитокот, четирите живи суштества и дваесет и четирите старешини паднаа пред Јагнето, и секој имаше китара и златни чаши, полни со темјан, а тоа се молитвите на светите. И пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да го земеш книжниот свиток и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и зашто со Својата крв ги откупи за Бога од секое племе и јазик и народ и народност, и ги направи на нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваат на земјата. И видов и чув глас на многу ангели околу престолот, и живите суштества, и старешините, и нивниот број беше бесконечно голем со илјади илјадници, кои зборуваа со силен глас: „Достојно е Јагнето, Кое е заклано, да прими: сила и богатство, и премудрост и моќ, и чест и слава и благослов.“ И го чув секое создание, кое е на небото и на земјата, и под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, да зборуваат: „На Оној, Кој седи на престолот, и на Јагнето, благослов и чест; и слава и власт, во сите векови!“ А четирите живи суштества рекоа: „Амин!“ И дваесет и четирите старешини паднаа и се поклонија.