Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 91:1-16

Псалми 91:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кој живее под закрилата на Севиш­ниот, тој престојува во домот на небес­ниот Бог. И ќе Му рече на Господ: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам! Зашто Тој ќе те избави од стапицата на ловецот, и од чумата погубна. Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: Неговата верност е штит и одбрана. Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење, од чумата што пустоши во темнина, од зараза што опустошува напладне. Покрај тебе ќе паднат илјада, и де­сет илјади десно од тебе; но до тебе не­ма да се приближат; само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш казната на нечестивите. Зашто, Господ ти е засолниште, на­деж моја, Севишниот го избра за свое прибежиште; зло нема да ти се случи, и неволја нема да се приближи до шаторот твој; затоа што ќе им заповеда на анге­лите Свои за тебе, да те чуваат на сите патишта твои. Ќе те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата своја; на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш. „Бидејќи се надеваше во Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него ќе сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам, ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене.“

Псалми 91:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ти, Кој живееш под покрив на Сѐвишниот, што се одморуваш во сенката на Сѐдржителот, речи му на Господа: „Прибежиште мое! Тврдино моја! Боже мој, на Кого се надевам!“ Зашто Тој ќе те ослободи од примката на ловецот, од гибелниот помор. Ќе те заштити со Своите крила, и ќе се засолниш под Неговите крила. Неговата вистина е штит и закрила! Не ќе се боиш од ноќен страв, ниту од стрелата што лета дење, ни од поморот, што се поткрадува во темнина, ни од гибелта што опустува напладне. И нека паѓаат илјади покрај тебе, десетици илјади до Твојата десница, но до тебе нема да се приближи! Само штом погледнеш со окото, веќе ќе ја видиш платата на грешниците. Зашто Господ е твое засолниште, го избра Сѐвишниот за своја закрила. Нема да те најде несреќата, неволјата нема да се приближи до твојот шатор. Зашто им заповеда на Своите ангели, да те чуваат на сите твои патишта. Ќе те носат на раце, за да не се сопнеш на камен. Со ногата ќе газиш лав и лутица, ќе ги згазиш лавчето и змијата. Ќе го избавам зашто ме љуби, ќе го закрилам зашто Го познава Моето име. Ќе Ме повика, а Јас ќе го услишам, со него ќе бидам во неволја, ќе го спасам и ќе го прославам. Ќе го наситам со многу денови, ќе му го покажам Моето спасение.