Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 69:1-15

Псалми 69:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до гушата моја! Потонав во длабока тиња, каде што нема дно; влегов во морска длабочина и бура ме потопи. Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, че­кајќи Го мојот Бог. Оние, што ме мразат без причина, се намножија повеќе од косата на главата моја: непријателите мои, кои ме гонат неправедно, се засилија; она што не сум го зел, бараат да го вратам! Боже, Ти го знаеш моето безумие, и гревовите мои не се сокриени од Тебе. Да не се посрамат поради мене сите оние, што се надеваат на Тебе, Господи, Боже на силите. Да не се посрамат поради мене оние, кои Те бараат, Боже Израелов, зашто заради Тебе поднесувам исмејување, и срам го обзеде лицето мое. Туѓ станав за браќата свои, туѓинец за синовите на мајка ми моја. Бидејќи ревноста за Твојот дом ме изеде, и навредите на оние што Те хулат, паѓаат врз мене; и постам со душата своја, но и тоа ми го земаат за зло. Место облека облекувам вреќа; и со тоа им станав за приказ; против мене зборуваат оние што се­дат пред портите и пијаниците пеат за мене. Јас, пак, молитвата моја ја упатувам кон Тебе, Господи; во благопријатно време, Боже, со големата Своја милост услиши ме заради вистината на спасението од Тебе; изведи ме од калта за да не пото­нам; да се избавам од оние, кои ме мразат, а и од длабоките води; за да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста.

Псалми 69:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Спаси ме, Боже, водите ми стигнаа до грлото! Потонав во длабока тиња и нема каде да ја ставам ногата; тонам во длабока вода, брановите ме покриваат. Изнемоштев од викање, грлото ми зарипна, очите ми се истоштија, чекајќи Го мојот Бог. Побројни се од влакната на мојата глава, оние што ме мразат за ништо. Потврди се од моите коски, оние што ми се противат неправедно: Зар можам да вратам она што не сум ограбил? Боже, Ти ја знаеш мојата безумност, не Ти се скриени моите гревови. Нека не се засрамат заради мене, оние што се надеваат на Тебе, Господи, Господи, над Воинствата! Нека не се засрамат заради мене, кои Те бараат Тебе, Боже Израелев! Зашто заради Тебе, претрпев навреда и срам ми го покри лицето. Туѓинец им станав на браќата и странец на децата на својата мајка. Зашто ме изеде ревноста за Твојот Дом и навредите на оние, што Те навредуваат Тебе, паднаа на мене. Душата ја измачував со пост, ми се сврте на срам. Зедов вреќа за облека и им станав приказ. Кои седат пред вратата, зборуваат против мене, пијаниците ми пеат шеговити песни. Но Тебе Ти се молам, Господи, во време на милоста Боже; услиши ме според Твојата голема добрина, според верноста на Твоето спасение! Извлечи ме од калта, за да не потонам, избави ме од оние што ме мразат - од длабоките води. Не оставај да ме покријат брановите, не оставај да ме проголта длабочината, не оставај бездната да ја затвори устата над мене!