Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 25:1-22

Псалми 25:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кон Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја. Боже мој, во Тебе се надевам, да не се посрамам, да не ликуваат над мене непријателите мои, да не се посрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што со леснотија изневеруваат. Покажи ми ги, Господи, патиш­тата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден. Спомни си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни. Гревовите на младоста моја и пре­стапите мои не споменувај ги; по милос­та Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи! Добар и праведен е Господ, греш­ниците ги изведува на пат, ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта. Сите патишта Господови се ми­лост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови. Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем. Кои се тие што имаат страхопо­чит кон Господ? Ним Тој ќе им покаже кој пат да го изберат. Нивната душа ќе почива во добро, нивното семе ќе ја наследи земјата. Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој. Очите мои секогаш се кон Господ, зашто Тој ги вади од стапица нозете мои. Погледни на мене и смилувај се на мене, зашто сум самотен и во мака. Скрбите на срцето мое олесни ми ги; извади ме од мојата потиштеност. Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои. Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат! Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто во Тебе се надевам. Непорочноста и правдата нека ме чуваат, зашто во Тебе се надевам, Господи. Избави го, Боже, Израел од сите неволји негови.

Псалми 25:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кон Тебе, Господи, ја подигам мојата душа. На Тебе се надевам, Боже мој; не оставај да се засрамам, за да не се веселат над мене, моите непријатели. Навистина, нема да се засрамат оние, кои се надеваат на Тебе; ќе се засрамат оние, кои изневеруваат без причина. Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки! Води ме во Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден. Спомни си, Господи, за Твојата верност и за Твојата љубов довека. Не спомнувај си за гревовите на мојата младост, за моите престапи; спомни си за мене, о Господи! според Твојата љубов и заради Твојата благост! Господ е благ и праведен: затоа ќе им покаже пат на грешниците. Тој ги води кротките во правда, ги научува кротките на Својот пат. Сите Господови патишта се милост и вистина, за оние кои ги чуваат Неговиот Завет и Неговите сведоштва. Господи, заради Твоето име, прости ми го гревот, зашто е голем. Кој е човекот, кој се бои од Господа? Него, Тој ќе го поучи кој пат да избере. Неговата душа ќе живее спокојно, а неговото семе ќе ја наследи земјата. Господ е близу до оние, кои се бојат од Него, и ќе им го покаже Својот Завет. Моите очи се насочени секогаш кон Господа, зашто Тој ги извлекува моите нозе од мрежата. Погледај ме и смилувај ми се, зашто сум осамен и натажен. Тагите ма моето срце, се умножени, избави ме од моите јадови! Види ги мојата неволја и мака и прости ми ги сите гревови. Погледај ги моите врагови: колку се многу и со каква жестока омраза ме мразат. Чувај ја мојата душа и спаси ме: не оставај да се засрамам, зашто се надевам на Тебе. Невиноста и чесноста нека ме пазат, зашто се надевам на Тебе! Господи, избави го Израел, од сите негови беди.