Кон Тебе, Господи, ја подигам мојата душа. На Тебе се надевам, Боже мој; не оставај да се засрамам, за да не се веселат над мене, моите непријатели. Навистина, нема да се засрамат оние, кои се надеваат на Тебе; ќе се засрамат оние, кои изневеруваат без причина.
Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки! Води ме во Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден. Спомни си, Господи, за Твојата верност и за Твојата љубов довека. Не спомнувај си за гревовите на мојата младост, за моите престапи; спомни си за мене, о Господи! според Твојата љубов и заради Твојата благост!
Господ е благ и праведен: затоа ќе им покаже пат на грешниците. Тој ги води кротките во правда, ги научува кротките на Својот пат. Сите Господови патишта се милост и вистина, за оние кои ги чуваат Неговиот Завет и Неговите сведоштва. Господи, заради Твоето име, прости ми го гревот, зашто е голем.
Кој е човекот, кој се бои од Господа? Него, Тој ќе го поучи кој пат да избере. Неговата душа ќе живее спокојно, а неговото семе ќе ја наследи земјата. Господ е близу до оние, кои се бојат од Него, и ќе им го покаже Својот Завет. Моите очи се насочени секогаш кон Господа, зашто Тој ги извлекува моите нозе од мрежата.
Погледај ме и смилувај ми се, зашто сум осамен и натажен. Тагите ма моето срце, се умножени, избави ме од моите јадови! Види ги мојата неволја и мака и прости ми ги сите гревови. Погледај ги моите врагови: колку се многу и со каква жестока омраза ме мразат. Чувај ја мојата душа и спаси ме: не оставај да се засрамам, зашто се надевам на Тебе. Невиноста и чесноста нека ме пазат, зашто се надевам на Тебе! Господи, избави го Израел, од сите негови беди.