Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 18:1-19

Псалми 18:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Те љубам, Господи, крепост моја! Господ е моја карпа, моја тврдина и мој избавител, Бог мој, засолниште мое, во кое се засолнувам; мој штит, сила на спасението мое и крепост моја. Ќе Го призовувам Господа, достоен за слава и ќе се спасам од непријателите свои. Јажињата на смртта ме испреплетоа, и погубни потоци ме вознемирија; пеколни мрежи ме заробија, смртни стапици ме стегнаа. Во мојот очај Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Тој од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговото уво. Се затресе и се разниша земјата; за­треперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи; се крена дим од Неговите носници и од устата Негова пламна оган, кој проголтува сѐ; вжарени јаглења отскокаа од Него. Ги наведна Тој небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови. И седна на херувим, па полета и се понесе на ветерни крилја. Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – од густи облаци полни со вода. Од молскање бегаа од Него обла­ците, градот и огнените јаглења. И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења. И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги распали молњите – и ги растури. Морските дна се појавија, и осно­вите на вселената се разоткрија од страшната закана Твоја, Господи, од здивот на носниците Твои. Тој посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води. Ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене. Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја. Ме изведе Тој на пространо место и ме избави, зашто ме засака.

Псалми 18:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Те љубам, Господи, тврдино моја! Господи, карпо моја, крепост моја, спасение мое; Боже мој, карпо моја, во Кого барам прибежиште, штит мој, рог на моето спасение, тврдино моја! Ќе Го повикам Господа, Кој е предостоен за фалба и ќе бидам избавен од непријателите. Брановите на смртта ме опкружија, и порои од лоши луѓе ме исплашија. Јажињата на Подземјето ме изврзаа, смртоносните примки ме стегнаа: Во својата неволја Го повикав Господа, и извикав кон својот Бог. Тој го чу мојот повик, од Својот храм, и моето викање стигна до Неговите уши. Тогаш земјата се стресе и се растрепери, се разнишаа основите на планините, се раздвижија, зашто Тој се разгневи. Од Неговите ноздри се крена дим, а од Неговата уста оган, што голта; јаглења се распалија од Него. Тој ги наведна небесата и слезе, и мрак беше под Неговите нозе. Седна врз херув и летна; леташе врз крилјата на ветерот. Ја направи темнината Свое тајно засолниште, се покри со темните води и со густите облаци. Од светкање пред Него, низ Неговите облаци удрија град и огнени јаглења. Господ загрме од небото, Сѐвишниот го даде Својот глас: град и огнени јаглења. Ги прати своите стрели и ги распрсна, и ги расфрли секавиците; тогаш се покажаа морските дна, основите на вселената се открија, од Твојата закана, Господи, од дувањето на здивот на Твојот гнев. Ја испружи Својата рака од небото и ме подзеде, ме извлече од големи води. Ме избави од силниот непријател, од оние што ме мразеа, зашто беа посилни од мене. Станаа против мене во денот на мојата неволја, но Господ ми стана поткрепа. Ме изведе на широко место, ме избави зашто му бев мил.