Те љубам, Господи, тврдино моја!
Господи, карпо моја, крепост моја, спасение мое; Боже мој, карпо моја, во Кого барам прибежиште, штит мој, рог на моето спасение, тврдино моја! Ќе Го повикам Господа, Кој е предостоен за фалба и ќе бидам избавен од непријателите.
Брановите на смртта ме опкружија, и порои од лоши луѓе ме исплашија. Јажињата на Подземјето ме изврзаа, смртоносните примки ме стегнаа: Во својата неволја Го повикав Господа, и извикав кон својот Бог. Тој го чу мојот повик, од Својот храм, и моето викање стигна до Неговите уши. Тогаш земјата се стресе и се растрепери, се разнишаа основите на планините, се раздвижија, зашто Тој се разгневи. Од Неговите ноздри се крена дим, а од Неговата уста оган, што голта; јаглења се распалија од Него. Тој ги наведна небесата и слезе, и мрак беше под Неговите нозе. Седна врз херув и летна; леташе врз крилјата на ветерот. Ја направи темнината Свое тајно засолниште, се покри со темните води и со густите облаци. Од светкање пред Него, низ Неговите облаци удрија град и огнени јаглења. Господ загрме од небото, Сѐвишниот го даде Својот глас: град и огнени јаглења. Ги прати своите стрели и ги распрсна, и ги расфрли секавиците; тогаш се покажаа морските дна, основите на вселената се открија, од Твојата закана, Господи, од дувањето на здивот на Твојот гнев.
Ја испружи Својата рака од небото и ме подзеде, ме извлече од големи води. Ме избави од силниот непријател, од оние што ме мразеа, зашто беа посилни од мене. Станаа против мене во денот на мојата неволја, но Господ ми стана поткрепа. Ме изведе на широко место, ме избави зашто му бев мил.