Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 139:1-18

Псалми 139:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Господи, Ти си ме испитал и ме зна­еш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои. Одам или лежам, Ти сѐ гледаш, сите патишта мои си ги предвидел. Уште зборови не ми дошле до јази­кот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш: Ти ме опкружуваш, зад мене си, пред мене си; раката Твоја е поло­жена над мене. Се восхитувам на Твоето знаење, – тоа е превисоко, не можам да му пријдам! Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако се искачам на небото – Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука. Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, – и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи. Ако речам: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене; и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина. Зашто Ти си ја создал мојата внат­решност и ме оформи во мајчината ми утроба. Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене дури и деновите мои се забеле­жани кога уште не постоеше ниеден. Колку ми се недостапни Твоите мисли, Боже, колку се многубројни! Да ги пребројам – но тие се поброј­ни и од песокот; се будам и сѐ уште сум со Тебе.

Псалми 139:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш, Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, веќе оддалеку ги знаеш моите мисли. Дали одам или лежам, Ти гледаш сѐ, познати ти се сите мои патишта. Додека мојот збор уште не дошол до јазикот, а Ти, Господи, веќе сѐ знаеш. Ти ме опфаќаш од плеќите и од лицето, Твојата рака ја стави врз мене. Тоа знаење премногу е чудно за мене, превисоко е, за да можам да го стигнам. Каде да одам од Твојот Дух и каде да побегнам од Твоето лице? Ако се вознесам на небото: таму си, ако легнам во подземјето: и таму си. Ако ги земам крилата на зората и се населам на крајот на морето, и таму, Твојата рака ќе ме води, Твојата десница ќе ме држи. Ако речам: „Нека ме скријат темнините, но дури и ноќта ќе биде како светло околу мене!“ Ни темнината за Тебе не ќе биде темна: ноќта свети како ден и темнината е како светлина. Зашто Ти ги создаде моите бубрези, ме истка во мајчиното крило. Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае. Моите коски не Ти беа скриени додека се создавав во тајност, ткаени во длабочината на земјата. Твоите очи го видоа мојот зародишок, веќе сѐ беше запишано во Твојата книга; деновите ми беа одредени, уште додека не беше ниеден. Колку ми се драгоцени Твоите науми, Боже, колку е непресметлив нивниот број. Да ги бројам! Повеќе се од песок! Кога се будам, уште сум со Тебе!