Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 119:73-112

Псалми 119:73-112 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Твоите раце ме создадоа и изградија: вразуми ме, и ќе се научам на Твоите заповеди. Оние, кои се бојат од Тебе, кога ќе ме видат ќе се зарадуваат, затоа што се надевав во Твоите зборови. Знам, Господи дека Твоите судови се праведни, и според справедливоста Твоја Ти ме казни. Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга. Нека пријде на мене Твојата штед­рост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја. Нека се посрамат горделивите, за­што неправедно и без вина ме обвинуваат; а јас ќе размислувам за Тво­ите правила. Нека ми се приклонат оние што се плашат од Тебе, за да ги научат Твоите уредби. Нека биде срцето мое непорочно во Твоите повелби, та да не се посрамам. Копнее душата моја за Твоето спа­сение; јас се надевам во Твоите зборови. Очите мои попуштија од желба за Твоето слово, велејќи: кога ќе ме утешиш? Зашто станав како мев во дим, но Твоите повелби не ги заборавив. Колку долго ќе чека Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гони­тели? Горделивите ми ископаа јама; тие го кршат Твојот закон. Сите Твои заповеди се вистина. Не­праведно ме гонат: помогни ми! За малку ќе ме убиеја на земјата, но јас не ги оставив Твоите заповеди. Според Твојата милост зачувај ми го животот, и јас ќе ги пазам сведош­твата од Твојата уста. Ти постоиш вечно, Господи; Твоето слово засекогаш е утврдено на небото; Твојата верност е од род во род. Ти си ја поставил Земјата, и таа стои. Според Твоја волја постојат денес; сѐ што постои, Тебе ти служи. Да не беше Твојот закон утеха за мене, јас ќе загинев во неволјата своја. Никогаш нема да ги заборавам Твоите правила, зашто преку нив ме оживуваш. Твој сум јас, спаси ме, зашто ги ба­рав Твоите правила. Нечестивите демнат за да ме убијат, но јас пазам на уредбите Твои. Го видов крајот на секое совршен­ство, но Твоите заповеди се безграни­ч­ни. Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него. Со Твојата заповед ме направи по­мудар од непријателите мои, зашто таа е секогаш со мене. Станав поразумен од сите учи­тели мои, зашто сведоштвата Твои се моја поука. Поумен станав од старите, зашто ги пазам Твоите заповеди. Ги задржувам нозете свои од се­каков лош пат, за да го пазам словото Твое. Од твоите уредби нема да се от­кажам, зашто Ти ме поучи. Колку се слатки за грлото мое збо­ровите Твои, послатки се од мед во устата моја. Преку твоите заповеди станав раз­умен; затоа го замразив секој лажен пат. Твоето слово е светилник на нозе­те мои и светлина за патеката моја. Се заколнав и реков дека ќе ги пазам Твоите праведни судови, и ќе ги исполнувам. Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово. Прими ги моите благодарници, Господи, и научи ме на Твоите уредби. Животот ми е постојано во опасност, но Твојот закон не го заборавив. Нечестивите ми поставија замка, но јас не се отстранив од Твоите заповеди. Твоите уредби ми се вечно наследство, тие се голема радост за срцето мое. Го натерав срцето свое да ги извршува повелбите Твои, секогаш и до крај.

Псалми 119:73-112 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Твоите раце ме направија и ме создадоа; вразуми ме за да ги научам Твоите заповеди. Оние кои се бојат од Тебе се веселат кога ќе ме видат, зашто јас се надевам на Твојот збор. Знам, о Господи, дека Твоите судови се праведни, и според верноста Твоја Ти ме измачи. Твојата љубов нека ми биде тешителка, според ветувањето што му го даде на Твојот слуга. Нека дојде врз мене Твојата милост, и јас ќе живеам, зашто Твојот Закон е моја наслада. Нека се збунат гордите, зашто ме угнетуваат за ништо, а јас ќе размислувам за Твоите наредби. Нека се обратат кон мене оние кои се бојат од Тебе, и кои ги знаат Твоите сведоштва. Нека моето срце биде совршено во Твоите повелби, за да не бидам засрамен. Мојата душа копнее за Твоето спасение, со надеж го чекам Твојот збор. Моите очи копнеат за Твојата беседа; кога ќе ми донесеш утеха? Станав како мев во дим, но не ги заборавам Твоите повелби. Колку денови има Твојот слуга? Кога ќе ги судиш моите гонители? Гордите ми ископаа јама: тие не работат според Твојот Закон. Сите Твои заповеди се вистински: невин ме гонат, помогни ми! За малку ќе ме погубеа во земјата, но јас не ги оставам Твоите наредби. Оживеј ме според Твојата милост, и ќе ги чувам сведоштвата на Твојата уста. О Господи, Твојот збор останува довека, постојан како небесата. Твојата милост е од род до род; ја зацврсти земјата, и таа стои. Стојат засекогаш според Твоите закони, зашто сѐ Ти служи Тебе. Да не е Твојот Закон: мое уживање, би пропаднал во мојата неволја. Нема да ги заборавам Твоите наредби довека, зашто преку нив Ти ме оживуваш. Твој сум, спаси ме; зашто јас ги барам Твоите наредби. Грешниците дебнат за да ме погубат, но јас внимавам на Твоите сведоштва. Му ја гледам границата на секое совршенство, а Твојата заповед нема граница. О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него. Твојата заповед ме направи помудар од моите непријатели, зашто таа е вечно со мене. Поумен сум од сите мои учители, зашто размислувам за Твоите сведоштва. Поразумен сум и од старците, зашто ги чувам Твоите наредби. Воздржи ги моите нозе од лошиот пат, за да го запазам Твојот збор. Не отстапувам од Твоите судови, зашто Ти ме поучи. Колку се слатки на моето непце Твоите зборови, послатки се од мед во мојата уста. Станувам разумен според Твоите повелби зашто ги мразам сите лажни патишта. Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека. Се колнам и одлучувам цврсто, да ги одржам Твоите праведни одлуки. Во голема неволја сум Господи, оживотвори ме според Твоето слово. Прими ги доброволните приноси на мојата уста, Господи, научи ме на Твоите судови. Мојот живот е во постојана гибел, но јас не го заборавам Твојот Закон. Грешниците ми поставија стапица, но не се отклонувам од Твоите наредби. Твоите сведоштва ми се вечно наследство, тие се радост во моето срце. Го приклонив срцето, за да ги врши Твоите повелби, секогаш и до крај.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност