Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 119:73-112

ПСАЛМИ 119:73-112 MKB

Твоите раце ме направија и ме создадоа; вразуми ме за да ги научам Твоите заповеди. Оние кои се бојат од Тебе се веселат кога ќе ме видат, зашто јас се надевам на Твојот збор. Знам, о Господи, дека Твоите судови се праведни, и според верноста Твоја Ти ме измачи. Твојата љубов нека ми биде тешителка, според ветувањето што му го даде на Твојот слуга. Нека дојде врз мене Твојата милост, и јас ќе живеам, зашто Твојот Закон е моја наслада. Нека се збунат гордите, зашто ме угнетуваат за ништо, а јас ќе размислувам за Твоите наредби. Нека се обратат кон мене оние кои се бојат од Тебе, и кои ги знаат Твоите сведоштва. Нека моето срце биде совршено во Твоите повелби, за да не бидам засрамен. Мојата душа копнее за Твоето спасение, со надеж го чекам Твојот збор. Моите очи копнеат за Твојата беседа; кога ќе ми донесеш утеха? Станав како мев во дим, но не ги заборавам Твоите повелби. Колку денови има Твојот слуга? Кога ќе ги судиш моите гонители? Гордите ми ископаа јама: тие не работат според Твојот Закон. Сите Твои заповеди се вистински: невин ме гонат, помогни ми! За малку ќе ме погубеа во земјата, но јас не ги оставам Твоите наредби. Оживеј ме според Твојата милост, и ќе ги чувам сведоштвата на Твојата уста. О Господи, Твојот збор останува довека, постојан како небесата. Твојата милост е од род до род; ја зацврсти земјата, и таа стои. Стојат засекогаш според Твоите закони, зашто сѐ Ти служи Тебе. Да не е Твојот Закон: мое уживање, би пропаднал во мојата неволја. Нема да ги заборавам Твоите наредби довека, зашто преку нив Ти ме оживуваш. Твој сум, спаси ме; зашто јас ги барам Твоите наредби. Грешниците дебнат за да ме погубат, но јас внимавам на Твоите сведоштва. Му ја гледам границата на секое совршенство, а Твојата заповед нема граница. О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него. Твојата заповед ме направи помудар од моите непријатели, зашто таа е вечно со мене. Поумен сум од сите мои учители, зашто размислувам за Твоите сведоштва. Поразумен сум и од старците, зашто ги чувам Твоите наредби. Воздржи ги моите нозе од лошиот пат, за да го запазам Твојот збор. Не отстапувам од Твоите судови, зашто Ти ме поучи. Колку се слатки на моето непце Твоите зборови, послатки се од мед во мојата уста. Станувам разумен според Твоите повелби зашто ги мразам сите лажни патишта. Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека. Се колнам и одлучувам цврсто, да ги одржам Твоите праведни одлуки. Во голема неволја сум Господи, оживотвори ме според Твоето слово. Прими ги доброволните приноси на мојата уста, Господи, научи ме на Твоите судови. Мојот живот е во постојана гибел, но јас не го заборавам Твојот Закон. Грешниците ми поставија стапица, но не се отклонувам од Твоите наредби. Твоите сведоштва ми се вечно наследство, тие се радост во моето срце. Го приклонив срцето, за да ги врши Твоите повелби, секогаш и до крај.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност