Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 104:16-35

Псалми 104:16-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Се напојуваат дрвјата по полето, кедрите леванонски, што си ги посадил; на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штркови­те. Високите гори – на срните; камењата – прибежиште на зајаците. Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето знае кога ќе зајде. Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови; лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе. Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла; човекот излегува по своја работа и работи до вечерта. Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија. Ете го морето, големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни; таму пловат кораби, таму е левијатанот што си го создал да игра во него. Сите тие од Тебе чекаат да им да­деш храна навреме. Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага; го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен – умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата. Нека пребива вечно славата на Господ; нека се весели Господ за делата Свои! Погледнува ли кон Земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат. Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам. Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господ. Нека ги снема грешниците од Земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Гос­пода! Алилуја!

Псалми 104:16-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господовите дрва се наситија со храна, ливанските кедри, што Тој ги посади. Таму се гнездат птиците, а елките се живеалиште на штркот. Високите планини им даваат засолниште на дивите кози, а пештерите на јазовците. Ти ја создаде месечината, за да ги означува времињата, и сонцето знае каде треба да зајде. Кога ја распростираш темнината и ноќта се спушта, тогаш низ неа скришно шетаат горските животни. Лавчињата рикаат по плен и бараат храна од Бога. Штом сонцето ќе огрее, ги снемува и легнуваат во своите легла. Тогаш човекот излегува на дневна работа, и на труд до вечерта. Колку се бројни Твоите дела, о Господи! со мудрост направи сѐ: земјата е полна со Твои созданија. Ене го големото и широко море, низ него се движат безбројни лазачи, мали и големи животни. Оттаму поминуваат кораби, морското чудовиште, што го создаде да се игра во него. И сите овие чекаат на Тебе, за да ги нахраниш на време. Ако им даваш, тогаш собираат. Ако ја отвориш раката, се наситуваат со блага. Скриеш ли го Своето лице, тогаш се растажуваат; ако им го одземеш здивот, умираат и пак се враќаат во прав. Го испраќаш Својот Дух, пак се создаваат, и така го обновуваш лицето на земјата. Нека трае довека Господовата слава: нека се радува Господ во Своите дела! Тој ја погледна земјата, и таа се стресе, кога ги допира планините, тие се задимуваат. Ќе Му пеам на Господа додека сум жив, ќе Му свирам на мојот Бог додека суштествувам. Ќе Му биде мило моето размислување! Јас ќе се радувам во Господа. Нека ги снема грешниците од земјата, и нека ги нема веќе беззакониците! Благословувај Го Господа, душо моја! Алилуја!