Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 4:1-27

Изреки 4:1-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите на разум, зашто добар дар ви дарувам; не оста­вајте ја мојата заповед. Зашто и јас бев сакан син на татко ми, и како единец омилен на мајка ми; и татко ми ме поучуваше и ми веле­ше: зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги! Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не отстра­нувај се од зборовите на устата моја. Не оставај ја, – и таа ќе те чува, сакај ја, – и таа ќе се грижи за тебе. Најважна е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност. Високо цени ја, и таа ќе те воз­дигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш, ќе положи на главата твоја прекра­сен венец, со великолепна круна ќе те дари. Слушај, синко, и прими ги зборови­те мои, – и ќе ти се умножат годините на животот. Ти го покажувам патот на муд­роста, те водам по прави патеки. Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измо­риш. Држи се здраво за поуката, не ос­тавај ја; пази ја, бидејќи таа е твојот живот. Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе; остави го, не оди по него, отстра­ни се од него и заобиколи го; зашто тие не заспиваат, ако не на­прават зло; и сон не ги фаќа, ако не до­ведат некого до пад; зашто тие јадат леб од беззаконие и пијат вино од грабеж. Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе, дури не настане ден. А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат. Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои; да не отстапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свое: зашто тие се живот за оној што ги нашол, и здравје за целото тело негово. Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот. Отфрли ја од себе лажливоста на устата, и лукавството на јазикот од себе оддалечи го. Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени право пред тебе. Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат цврсти. Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата твоја од злото.

Изреки 4:1-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте за да ја сознаете мудроста, зашто ви давам добра наука: Не оставајте го мојот закон. И јас бев син на својот татко и нежен единец на својата мајка; и тој ме учеше и ми зборуваше: „Задржи ги моите зборови во своето срце, почитувај ги моите заповеди, и ќе живееш. Придобивај мудрост, придобивај разум, не ги заборавај и не отстапувај од зборовите на мојата уста. Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани. Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум. Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава, ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.“ Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот. Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки. Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш. Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот. Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го, зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого. Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото. А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден. А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат. Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело. А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него. Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни. Нека твоите очи гледаат право напред, и нека твојот поглед биде секогаш прав. Внимавај на патеката по која одиш, и нека сите твои патишта бидат постојани. Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога далеку од злото.