Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 4:1-27

ПОСЛОВИЦИ 4:1-27 MKB

Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте за да ја сознаете мудроста, зашто ви давам добра наука: Не оставајте го мојот закон. И јас бев син на својот татко и нежен единец на својата мајка; и тој ме учеше и ми зборуваше: „Задржи ги моите зборови во своето срце, почитувај ги моите заповеди, и ќе живееш. Придобивај мудрост, придобивај разум, не ги заборавај и не отстапувај од зборовите на мојата уста. Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани. Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум. Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава, ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.“ Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот. Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки. Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш. Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот. Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го, зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого. Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото. А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден. А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат. Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело. А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него. Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни. Нека твоите очи гледаат право напред, и нека твојот поглед биде секогаш прав. Внимавај на патеката по која одиш, и нека сите твои патишта бидат постојани. Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога далеку од злото.