Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 23:19-35

Изреки 23:19-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Слушај, синко, и биди мудар и насо­чувај го срцето свое по прав пат. Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, – зашто пијаницата, и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали. Слушај го својот татко: тој те ро­дил; не ја занемарувај мајка си, кога таа ќе остарее. Купувај вистина и не продавај муд­рост, учење и разум. Таткото на праведниот се весели, и оној што родил мудар, се радува поради него. Нека ти се радуваат татко ти и мај­ка ти, нека се радува онаа која те родила. Синко, дај ми го мене срцето твое и очите твои да ги гледаат патиштата мои, – зашто блудницата е длабока про­паст, а туѓа жена – тесен бунар; таа како разбојник ги пречекува и ги умножува беззакониците меѓу лу­ѓето. На некого – ах, на некого – ох, на некого – кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи? На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми. Не гледај го виното како се црвенее, како тоа искри во чашата, како убаво се лее; отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница; очите твои ќе гледаат привиденија, и срцето твое ќе почне да говори не­разумно; и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врвот од јарбол, па ќе речеш: „Ме тепаа и не ме болеше; ме туркаа и не чувствував. Ко­га ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.“

Изреки 23:19-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Слушај, сине мој, и биди мудар и води го твоето срце по рамен пат. Не дружи се со винопијачите, ниту со месојадачите, зашто пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливиот се облекува во партали. Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајката кога ќе остари. Купувај вистина и не ја продавај, придобивај мудрост, поука и разум. Многу ќе се радува таткото на праведникот, и кој раѓа мудар син ќе има милина во него. Нека се веселат татко ти и мајка ти, и нека се радува твојата родителка. Сине мој, дај ми го своето срце и нека твоите очи внимаваат на моите патишта, зашто блудницата е длабока јама, и туѓинката тесен кладенец. Таа дебне во заседа како крадец и го зголемува бројот на безбожниците меѓу луѓето. Кому ах? Кому: леле? Кому: препирки? Кому: воздишки? Кому: рани за ништо? Кому: заматени очи? На оние што седат доцна покрај виното, што дошле да го испитуваат зачинетото вино. Не гледај на виното кога се црвенее, кога се прелева светливо во чашата: се пие така глатко, а на крај каснува како змија и жилосува како змија лутица. Твоите очи ќе гледаат туѓи жени и срцето ќе зборува развратно. И ти ќе бидеш како да лежиш среде морето или како да седиш на врвот на јарбол. „Ме избија, ама не ме заболе, ме претепаа, ама не почувствував; кога ќе отрезнам, уште ќе барам.“