Изреки 16:17-33
Изреки 16:17-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Патот на праведните е отстранување од злото: кој ги пази своите патишта – душата своја ќе ја запази. Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надменоста. Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви. Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господ, блажен е. Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето. Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е глупост. Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, и го умножува знаењето во устата негова. Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити. Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта. Кој се труди, се труди за себе, зашто кон тоа устата го упатува. Лукав човек зло замислува, во устата своја – оган разгорува. Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува. Злонамерен човек го мами својот ближен и го води кон лош пат; замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усните, извршува зло. Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата. Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себе, подобар е и од освојувач на градови. Ждрепка се фрла во скут, но сѐ што решава таа, од Господ е.
Изреки 16:17-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Патот на праведните е: да се отстрануваат од злото, и кој внимава на својот пат, го чува својот живот. Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето. Подобро е да се биде кроток со понизните, отколку да се дели плен со горделивите. Кој внимава на зборот, наоѓа добро, и кој се надева на Господа, блажен е. Мудриот во срцето се наречува разумен, и слаткото зборување го зголемува знаењето. Разумот е извор на живот на оние што го имаат, а на безумните им е казна нивната глупост. Срцето на мудрецот ја вразумува неговата уста; му го умножува знаењето на усните. Љубезните зборови се мед во саќи, сладост на душата и лек на коските. Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта. Гладот на трудбеникот работи за него, зашто го тера неговата уста. Никаквецот приготвува само зло и во усните му е пламенен оган. Лукавиот човек сее раздор, и клеветникот ги разделува најверните пријателите. Насилникот го заведува својот ближен и го наведува на лош пат. Кој намигнува со очите, смислува опакост, а кој ги стиска усните, веќе смислил пакост. Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата. Кој е долготрпелив подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град. Во пазувата се фрла жрепката, но од Господа е секоја одлука.