Изреки 15:1-17
Изреки 15:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува. На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупости блуе. Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат и лошите и добрите. Кроток јазик е дрво на животот, а злиот – рана на душата. Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша прекор, разумен е. Во куќата на праведникот – големо богатство, а печалбата на нечестивиот – пропаѓа. Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така. Жртвата на безбожните е одвратност пред Господ, а молитвата на праведните Му е пријатна. Патот на нечестивиот е одвратност пред Господ, а кој ја бара правдата, Тој го сака него. Остра казна го чека оној што го остава правиот пат, а кој го мрази изобличувањето – ќе загине. Пеколот и пропаста се откриени пред Господ, а како ли нема да бидат – срцата на синовите човечки? Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите. Весело срце го прави лицето весело, а при тажно срце – и лицето е натажено. На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со глупост се хранат. На несреќниот сите дни му се тажни; а животот на среќниот е постојано празнување. Подобро малку, но со страв Господов, отколку големо богатство, и со него немир. Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза.
Изреки 15:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот. Јазикот на мудрите луѓе го прославува знаењето, а устата на безумните истурува глупост. Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите. Благиот јазик е дрво на животот, а пакосниот е рана за духот. Безумниот ја презира поуката на својот татко, а кој прима укор, е благоразумен. Во праведниковиот дом има големо изобилство, а нечесниот ја печали својата пропаст. Усните на мудрите сеат знаење, а срцето на безумникот е непостојано. Жртвата на нечесниот Му е омразена на Господа, а мила Му е молитвата на праведните. Патот на нечесните Му е омразен на Господа, а возљубен Му е оној, кој оди по правдата. Тешка казна го чека оној кој го остава правиот пат, а ќе умре кој го мрази изобличувањето. И Пеколот и Гибелта стојат пред Господа, а колку повеќе срцата на човечките синови. Потсмевачот не го љуби оној што го кори: тој не се дружи со мудрите. Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот. Разумното срце бара знаење, а безумничката уста се занимава со глупост. За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано. Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него. Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата.