Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 14:19-35

Изреки 14:19-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Лошите ќе се поклонат пред добрите, а безбожните – пред вратите на праведникот. Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели. Греши оној што го презира својот ближен, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите. Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Но милост и верност има кај оние што мислат добро. Од секој труд има добивка, а празните зборови водат кон скудност. Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е глупост. Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува. Во стравот пред Господ има голема надеж, и на чедата Свои Тој им е прибежиште. Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта. Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ – пропаст е за господарот. Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости. Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските. Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда. За своето зло безбожниот ќе про­падне, а праведниот и при смртта ќе има надеж. Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот ја нема. Правдата народ подига, а беззаконието срамоти народи. На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.

Изреки 14:19-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Лошите се поклонуваат пред добрите, и нечесните пред вратите на праведникот. Сиромавиот им е омразен и на своите пријатели, а богатиот има многу другари. Греши кој го презира својот ближен, а блазе на оној кој е милостив кон сиромасите. Не одат ли по заблуда оние што смислуваат зло? А зар не се добрината и верноста со оние што смислуваат добро. Од секој труд има полза, а од брбливоста на усните само сиромаштво. На мудрите венец им е нивното богатство, а глупоста на безумните е нивната лудост. Вистинскиот сведок избавува души, а лажниот сведок истура лаги. Во стравот од Господа е голема верба, и е прибежиште за неговите синови. Стравот од Господа е извор на животот; Тој избавува од стапицата на смртта. Многуброен народ е слава за царот, а без луѓе владетелот пропаѓа. Кој се гневи бавно има големо разбирање, а избувливиот во дух покажува глупост. Тивкото срце е живот на телото, а љубомората е гнилеж во коските. Кој го угнетува бедниот, го навредува неговиот Творец, а кој е милостив кон бедниот Го почитува. Нечесниот пропаѓа заради сопствената пакост, а праведникот и при самата смрт наоѓа засолниште. Мудроста почива во разумно срце, а што е во безумниот тоа и се покажува. Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите. Царската наклонетост е кон разумниот слуга а неговиот гнев - против оној кој го срами.