Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 12:15-28

Изреки 12:15-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар. Глупавиот веднаш ќе го покаже гневот свој, а благоразумниот ја сми­рува лутината своја. Кој го кажува она што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок говори измама. Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите лекува. Праведната уста вечно живее, а лажливиот јазик – само еден миг. Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротвор­ците – радост. Праведниот нема да го достаса никакво зло, а безбожниците ќе бидат преполни со зло. Лажливата уста е одвратност пред Господ, а кој говори вистина, благоугоден Му е Нему. Расудлив човек го прикрива зна­ењето свое, а срцето на глупавите го разгласува своето безумие. Раката на работливите ќе господари, а мрзливоста води во ропство. Тагата во срцето го притиска чове­кот, а добриот збор го развеселува. Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечестиви­те ги води во заблуда. Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство. По патот на правдата има живот, и во нејзината патека нема смрт.

Изреки 12:15-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети. Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот. Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата. Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување. Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг. Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло, а радост во оние што делат мирољубиви совети. Праведникот не го стигнува никаква неволја, а нечесните се исполнети со зло. Одвратни Му се на Господа лажливите усни, а Му се мили кои зборуваат вистина. Благоразумниот човек го прикрива своето знаење, а безумничкото срце ја разгласува својата глупост. Трудољубивата рака ќе владее, а безгрижните ќе одат кон подложност. Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели. Праведникот го води својот пријател, а нечесните ги заблудува нивниот пат. Мрзливиот нема да го улови својот лов, а трудољубието е скапоцено благо за човекот. Животот стои врз патеката на правдата, и на нејзиниот пат нема смрт.