Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 12

12
Ѓ. Поука и знаење
1Кој ја љуби поуката, го љуби знаењето, а кој го мрази укорувањето неук е. 2Добриот добива милост од Господа, а подмолниот осуда. 3Човекот не се зацврстува со беззаконие, а коренот на праведникот не се помрднува. 4Добродетелната жена е венец на својот маж, а срамотната е како гнилеж во неговите коски. 5Мислите на праведните се справедливи, а сплетките на нечесните се измамливи. 6Зборовите на нечесните се заседа за крвопроливање, а праведните ги избавува нивната уста. 7Нечесните се сосипуваат и веќе ги нема, а домот на праведникот останува. 8Човекот бидува пофалуван според остроумноста на својот разум, а опакиот во срцето ќе биде презрен.
Е. Грижа за живот на добиток и за земја
9Подобро е да бидеш мал и да имаш само еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб. 10Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо. 11Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб, а кој трча по суетата, неразумен е. 12Копнежот на нечесниот е мрежа од зло, а коренот на праведникот дава плод. 13На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда. 14Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати.
Ж. Благоразумен и глуп
15На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети. 16Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот. 17Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата. 18Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување. 19Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг. 20Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло, а радост во оние што делат мирољубиви совети. 21Праведникот не го стигнува никаква неволја, а нечесните се исполнети со зло. 22Одвратни Му се на Господа лажливите усни, а Му се мили кои зборуваат вистина. 23Благоразумниот човек го прикрива своето знаење, а безумничкото срце ја разгласува својата глупост. 24Трудољубивата рака ќе владее, а безгрижните ќе одат кон подложност. 25Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели. 26Праведникот го води својот пријател, а нечесните ги заблудува нивниот пат. 27Мрзливиот нема да го улови својот лов, а трудољубието е скапоцено благо за човекот. 28Животот стои врз патеката на правдата, и на нејзиниот пат нема смрт.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 12: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се