Изреки 11:1-15
Изреки 11:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Неисправните мерила се одвратни пред Господ, а точните мерки Нему Му се угодни. Ќе дојде ли гордоста, ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените. Непорочноста на простодушните ќе ги раководи, а лукавството на подмолните ќе ги погуби. Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт. Правдата на непорочниот го израмнува неговиот пат, а нечестивиот ќе падне поради својата нечесност. Правдата на простодушните ќе ги спаси, а беззакониците ќе бидат уловени од своето беззаконие. Со смртта на нечестивиот човек, исчезнува надежта негова, и очекувањето на беззакониците загинува. Праведникот се спасува од неволја, а место него во неа паѓа нечестивиот. Лицемерниот го погубува со уста ближниот свој, а праведниците се спасуваат со знаење. Кога праведниците живеат во благосостојба, градот се радува, а кога загинуваат безбожниците, настанува веселба. Со благословот на праведните градот се издига, а преку устата на нечестивите се разрушува. Малоумниот искажува презир кон ближниот свој, но разумниот човек молчи. Кој оди да озборува, издава тајна, но верниот човек ја чува тајната. Каде што нема водство, народот пропаѓа, а при многу советници живее во благосостојба. Кој се застапува за друг, зло си донесува, а кој го мрази давањето гаранција, тој е во безопасност.
Изреки 11:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна. Со гордоста доаѓа срамот, а мудроста е во смирените. Праведните ги води нивната невиност, а безбожниците ќе ги погуби нивното лукавство. Богатството не помага во денот на Божјиот гнев, а правдата избавува од смрт. На непорочниот правдата му го исправува неговиот пат, а нечесниот пропаѓа од својата нечесност. Справедливите ги избавува нивната правда, а беззакониците се фаќаат во својата злоба. Кога лошиот човек умре, надежта му пропаѓа, и надежта и очекувањето на грешникот се рушат. Праведникот се спасува од беда, а нечесниот доаѓа на неговото место. Лицемерот го убива, со устата, својот ближен, а праведниците се избавуваат со знаење. Градот се радува на успехот на праведниците и воскликнува заради пропаста на нечесниот. Со благословот на праведните градот се воздига, а со устата на нечесните се разурнува. Неразумникот го презира својот ближен, додека умниот човек молчи. Кој оди со клеветата, ја открива тајната, а човек со верен дух ја чува тајната. Каде нема раководство народот пропаѓа, а при многу советници, тој се избавува. Многу лошо поминува кој емчи за друг, а без страв е кој го мрази емството.