Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 4:6-13

Филипјаните 4:6-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате. Ако правите така, тогаш Божјиот мир, кој е далеку над она што човек може да го разбере, ќе ги чува вашите срца и умови, поради вашата припадност на Исус Христос. За крај, мои драги пријатели христијани, стремете се кон она што е вистинито, чесно и праведно; она што е невино, љубезно, на добар глас, вредно и ценето. Применете го во практика она што го научивте и добивте од мене, било слушајќи ме што зборувам, било гледајќи ме како постапувам, па Бог, Кој е извор на мир, ќе биде со вас. Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа. Не го кажувам ова затоа што бев во беда. Се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови.

Филипјаните 4:6-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос. Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го, – и Бог на мирот ќе биде со вас! Јас се зарадував необично многу во Господ, зашто најпосле расцветавте во вашата грижа за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодна пригода. Ова го велам не поради скудност од нешто, бидејќи се научив да се задово­лувам со она што го имам. Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и сешто, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум и во не­маштија. Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи.

Филипјаните 4:6-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Не грижете се за ништо, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса. Впрочем, браќа, сѐ што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас - ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба - мислете на тоа! Она што го научивте, и примивте, и чувте, и видовте на мене - правете го тоа, и Бог на мирот ќе биде со вас! Се зарадував многу во Господа, зашто сега најпосле ја оживеавте својата грижа за мене. Вие и инаку се грижевте, но немавте прилика. Не го зборувам тоа заради скудност, зашто научив да бидам задоволен со она во што сум. Знам да живеам и во скудност, знам и во изобилство, научен сум на сѐ и во сешто: да бидам сит и да гладувам; да сум во изобилство и во скудност. Сѐ можам преку Христа, Кој ми дава сила.