Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ФИЛИПЈАНИТЕ 4

4
1Затоа, браќа мои возљубени и сакани, радост моја и венец, стојте така цврсто во Господа, возљубени! 2Ја молам Еводија и ја молам Синтихија да бидат едномислени во Господа. 3Да, те молам и тебе, верен другар, помагај им, зашто заедно со мене се трудеа во проповедањето на Евангелието, и со Климент, и со другите мои соработници, чии имиња се во Книгата на животот.
4Радувајте се секогаш во Господа! Пак велам: радувајте се! 5Вашата кротост да им биде позната на сите луѓе! Господ е близу. 6Не грижете се за ништо, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! 7И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса. 8Впрочем, браќа, сѐ што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас - ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба - мислете на тоа! 9Она што го научивте, и примивте, и чувте, и видовте на мене - правете го тоа, и Бог на мирот ќе биде со вас!
Апостолова благодарност
10Се зарадував многу во Господа, зашто сега најпосле ја оживеавте својата грижа за мене. Вие и инаку се грижевте, но немавте прилика. 11Не го зборувам тоа заради скудност, зашто научив да бидам задоволен со она во што сум. 12Знам да живеам и во скудност, знам и во изобилство, научен сум на сѐ и во сешто: да бидам сит и да гладувам; да сум во изобилство и во скудност. 13Сѐ можам преку Христа, Кој ми дава сила. 14Туку добро направивте, што зедовте учество во моите неволји. 15А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниедна црква не беше со мене во давање и примање, освен единствено вие. 16Вие ми испративте во Солун, еднаш и двапати, за моја потреба. 17Не како да барам подарок, туку го барам плодот што се умножува на ваша сметка. 18Примив сѐ и имам сѐ во изобилство. Полн сум откако примив од Епафродит што ми испративте - благопријатен мирис, жртва пријатна благоугодна на Бога. 19А мојот Бог ќе ја исполни славно секоја ваша потреба, според Своето богатство - во Христа Исуса. 20А на нашиот Бог, и Татко, слава во сите векови Амин!
Поздрави и благослов
21Поздравете го секој верник во Христа Исуса! Ве поздравуваат браќата, кои се со мене. 22Ве поздравуваат сите свети, а особено оние од Ќесаревиот дом.
23Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух Амин!

Селектирано:

ФИЛИПЈАНИТЕ 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се