Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 4:1-10

Филипјаните 4:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И така, браќа мои возљубени и многу пожелни, радост моја и венец, стојте цврсто во Господ, возљубени! Ја молам Еводија, ја молам и Син­ти­хија да бидат едномислени во Господ; а те молам и тебе, искрен сотрудни­че, помагај им на оние што се грижеа во Евангелието заедно со мене и со Кли­мент и со другите мои сотрудници, чии имиња се во Книгата на животот. Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се! Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу! За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос. Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го, – и Бог на мирот ќе биде со вас! Јас се зарадував необично многу во Господ, зашто најпосле расцветавте во вашата грижа за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодна пригода.

Филипјаните 4:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Затоа, мои мили и многу сакани пријатели христијани, по кои толку копнеам, радост моја, гордост моја, останете Му непоколебливо верни на Господ! Еводија и Синтихија, ве молам обидете се да се усогласите во работата за Господ. Те молам и тебе, мој верен соработнику, помогни им. Тие многу работеа со мене на ширењето на Радосната вест, заедно со Климент и со многу други мои соработници чии имиња се запишани во Божјата книга на живите. Радувајте му се на вашето заедништво со Господ, постојано радувајте се! Бидете внимателни спрема сите, луѓето по тоа да ве знаат. Господ брзо ќе дојде. Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате. Ако правите така, тогаш Божјиот мир, кој е далеку над она што човек може да го разбере, ќе ги чува вашите срца и умови, поради вашата припадност на Исус Христос. За крај, мои драги пријатели христијани, стремете се кон она што е вистинито, чесно и праведно; она што е невино, љубезно, на добар глас, вредно и ценето. Применете го во практика она што го научивте и добивте од мене, било слушајќи ме што зборувам, било гледајќи ме како постапувам, па Бог, Кој е извор на мир, ќе биде со вас. Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа.

Филипјаните 4:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа, браќа мои возљубени и сакани, радост моја и венец, стојте така цврсто во Господа, возљубени! Ја молам Еводија и ја молам Синтихија да бидат едномислени во Господа. Да, те молам и тебе, верен другар, помагај им, зашто заедно со мене се трудеа во проповедањето на Евангелието, и со Климент, и со другите мои соработници, чии имиња се во Книгата на животот. Радувајте се секогаш во Господа! Пак велам: радувајте се! Вашата кротост да им биде позната на сите луѓе! Господ е близу. Не грижете се за ништо, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса. Впрочем, браќа, сѐ што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас - ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба - мислете на тоа! Она што го научивте, и примивте, и чувте, и видовте на мене - правете го тоа, и Бог на мирот ќе биде со вас! Се зарадував многу во Господа, зашто сега најпосле ја оживеавте својата грижа за мене. Вие и инаку се грижевте, но немавте прилика.