Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 3:1-11

Филипјаните 3:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност. Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување, зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото, иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека мо­же да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас, кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј, по ревност – гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот – беспрекорен. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба. Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Хрис­тос, и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Хрис­тос, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите.

Филипјаните 3:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите. Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност! Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности. Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам. Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони. Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив. Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни. И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба. Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера. Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт, па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите.

Филипјаните 3:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, браќа мои, радувајте се во Господа! Мене не ми е здодевно да ви пишувам исто, а вам ви служи за безбедност. Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници, пазете се од лажно обрезание! Зашто, ние сме вистинското обрезание; ние, кои служиме со Божјиот Дух и се фалиме во Христа Исуса, а не се надеваме во телото, иако и јас можам да се доверам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тоа јас, уште повеќе: обрезан сум во осмиот ден, од Израелевиот род сум, од Венијаминовото племе, Евреин од Евреите; по закон - фарисеј; по ревност - гонител на Црквата; по правдата на Законот бев беспрекорен. Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа. Во суштина, јас и сега сметам сѐ за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сѐ и сѐ сметам за отпад, за да Го придобијам Христа и да се најдам во Него, немајќи своја правда, која доаѓа од Законот; туку по правдата, која доаѓа преку верата на Христа: правдата од Бога врз основа на верата, за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт, та некако да достигнам до воскресението од мртви.