Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност. Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување, зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото, иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас, кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј, по ревност – гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот – беспрекорен. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба. Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос, и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Христос, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите.